Кина стана вториот најголем извозник на автомобили во светот

од Vladimir Zorba
201 прегледи

Минатата година Кина го зголеми извозот на возила за повеќе од 54 отсто, што беше доволно за да се пресели на второто место во светот по извоз на автомобили.

Како што објави веб-страницата Carscoops, кинеската асоцијација на производители на автомобили објави дека земјата испорачала 3,11 милиони возила во странство минатата година. Тоа е значително повеќе од Германија, претходно втор по големина извозник, која продаде само 2,61 милиони возила на меѓународните пазари минатата година, што е зголемување од 10 отсто во споредба со 2021 година.

Кина сега ја брка Јапонија која е на прво место. Иако целогодишните резултати на Јапонија сè уште не се достапни, таа испорача повеќе од 3,2 милиони возила во странство во првите 11 месеци од 2022 година. Сепак, се очекува Јапонија да извезе помалку возила минатата година отколку во 2021 година кога испорача 3,82 милиони возила во странство.

Со брзиот раст на кинескиот извоз и намалувањето на јапонскиот обем, Кина се очекува да стане најголемиот светски извозник на автомобили во блиска иднина, изјавија аналитичарите за South China Morning Post.

Citic Securities предвидува дека Кина би можела да извезе дури 5,5 милиони возила до 2030 година, од кои 2,5 милиони ќе бидат електрични.

Слични содржини