Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска се обрати пред присутните на Светскиот економски форум во Давос, каде презентираше прилично неочекувана теорија. Тој рече дека не е сосема сигурен дека рускиот претседател Владимир Путин е се уште жив.
„Не разбирам за кого и за што да зборувам. Не сум сигурен дека претседателот на Русија, кој понекогаш се појавува, е тој. Не сум сосема сигурен дека е жив и дека одлучува, односно кој одлучува таму. Какви луѓе се тие? Немам такви информации“, рече тој.
Тој рече дека не му е јасно кој може „еден ден да им вети едно на лидерите на ЕУ, а следниот ден да изврши инвазија“. „Не разбирам со какви луѓе си имаме работа. Кога зборуваат за мировни преговори, не разбирам со кого би биле тие“, додаде тој.
На лидерите во Давос им порача дека е тука и разговара со нив, тие знаат, вели, кој е, додека тој точно знае кои се тие.
„Има сведоци на нашиот живот, па дури и да зборуваме за различни работи, ќе постигнеме консензус“, додаде тој, пренесува „Украинска правда“.
Во истото обраќање Зеленски рече дека целта на Украина е да ја ослободи целата територија и да го врати Крим. Затоа ги повика западните партнери да му испратат повеќе оружје.
„Крим е наша земја, наша територија, наше море и наши планини. Дајте ни оружје и ќе ги вратиме нашите земји“, рече тој.
Тој додаде: „Ние немаме време, светот нема време“.