Постои голема можност од ширење на епидемијата на мали сипаници низ Србија, откако во текот на вчерашниот ден од Заводот за јавно здравје во Суботица предупредија дека може да се прошири во остатокот од земјата. Од таму наведуваат дека малите сипаници (морбилите) се една од најзаразените болести во светот. „Не постои лек, а вакцинацијата на децата е единствена превенција. Секој што не бил вакциниран како дете, за време на епидемија, порано или подоцна ќе дојде во контакт со оваа болест, бидејќи контактот со овој вирус е многу тешко да се избегне“, велат српските епидемиолози.
Се стравува дека до ваквата ситуација може да дојде и во Македонија. Микробиологот и поранешен директор на Фондот со здраватво, д-р Никола Пановски во разговор за „Локално“ потврди дека е можно такво сценарио.
-Да, секако дека не е исклучено да се јават случаи на морбили и кај нас, рече тој.
Тој информира за случаите во кои државата може да прогласи епидемија на мали сипаници.
-Од искуството на појава на случаи на морбили во минатото, здравствените власти можат да прогласат епидемија и со само десетина случаи на државно ниво кој ќе бидат лабораториски потврдени. Локална епидемија, на ниво на општина, може да се прогласи и со помалку од 10 случаи. Очигледно, критериумите се спуштени со цел да се освестат родителите кои не ги вакцинирале своите деца тоа да го направат веднаш, оценува докторот.
Според науката, Пановски порачува дека главна превенција за малите сипаници е вакцинацијата.
-Да се повикаат родителите веднаш да ги вакцинираат невакцинираните деца. За одбивање на вакцинација постојат законски предвидени казни. За комплетно вакцинираните деца не треба посебни мерки, тие се заштитени, ни објасни микробиологот.
Ги објаснува и можните компликации кои можат да се јават кај децата кои не се вакцинирани.
– Како компликации се јавуваат воспаление на средното уво, пневмонија и како најтешка и смртоносна компликација е енцефалит (воспаление на мозокот), кој се јавува во просек кај еден на 1000 заболен, ни укажа д-р Пановски.
Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) исто така се децидни дека невакцинацијата може да придонесе до појава на епидемија на морбили.
-Одлагањето и пропуштањето на редовната вакцинација заради КОВИД-19 пандемијата предизвика намалување на вакциналниот опфатот за сите вакцини вклучително и за МРП вакцината (која ја содржи компонентата против мали сипаници) на глобално ниво што доведува до зголемен ризик за појава на епидемии ширум светот, вели за „Локално“ д-р Кристина Ставридис од ИЈЗ.
Додава дека во нашата земја, исто така се соочуваме со намален опфат со МРП вакцина во изминатите пандемиски години, што го зголемува ризикот од појава на епидемија.
-Влегувањето на инфицирано лице од Србија, но и од било која друга земја во која се регистрирани случаи или епидемија на мали сипаници, претставува потенцијален ризик за појава на епидемија во нашата земја, укажува д-р Ставридис.
Според неа, епидемија е состојба на зголемен број на случаи од одредена заразна болест која по време и место го надминува очекуваниот, вообичаен број на случаи во однос на претходниот период.
-Последните случаи на мали сипаници во нашата држава, беа регистрирани во епидемијата 2019 година. Во 2020, 2021 и 2022 година не се регистрирани потврдени случаи на мали сипаници. Во 2019 година, опфатот со МРП беше над 93% и за прва доза и за втора доза како резултат на засилена вакцинација и вакцинација на пропуштените деца од претходните генерации, што резултираше со запирање на епидемијата. Но, во текот на пандемиските години се бележи намалување на опфатот со МРП вакцината. Во 2021 година опфатот изнесува 70,4% за прва, а 80,4% за втора доза, на национално ниво, посочуваат од ИЈЗ.
Д-р Ставридис објаснува дека за вакцино-превентабилно заболување како што се малите сипаници, за кое постои ефикасна и безбедна вакцина, прва и основна мерка за превенција и контрола на епидемијата е вакцинацијата.
Околу компликациите што може да ги остави болеста, наведува неколку примери.
-Најчести компликации на малите сипаници се воспаление на средното уво и дијареа. Посериозни компликации се пневмонија (воспаление на белите дробови) и енцефалитис (оток и воспаление на мозокот). Енцефалит може да се развие кај 1/1000-2000 случаи и да доведе до конвулзии, да предизвика губење на слухот или да предизвика интелектуална попреченост. Смртниот исход се јавува кај 1-3 на 1000 заболени случаи. Субакутен склерозирачки паненцефалитис е ретко (1/100.000), но фатално дегенеративно заболување на централниот нервен систем, предизвикано од инфекција со вирусот на мали сипаници стекната порано во животот. Генерално се развива 7-10 години по прележување на малите сипаници, иако се чини дека лицето комплетно се опоравило од болеста. Најпогодени се децата кои имале мали сипаници под двегодишна возраст, информира д-р Ставридис.
Н.П.