Постери на актерот Ал Пачино во улогата на „Кум“ и Хоакин Феникс во улогата на „Џокер“ се пронајдени во станот на западна Сицилија каде се претпоставува дека шефот на Коза ностра, Матео Месина Денаро живеел неколку месеци пред да биде уапсен, покажаа денес полициските снимки.
Станот во градот Кампобело ди Макара се наоѓа во скромна зграда на само неколку километри од родното место на Денаро во градот Кастелветрано. Судиите рекоа дека Денаро живеел обичен живот во станот, вклучително и одење во супермаркет, и покрај тоа што бил најбараниот човек во Италија, објави Ројтерс.
Заедно со постерите на „Кум“ и „Џокер“, Денаро имаше слика од лав на ѕидовите на неговата дневна соба, додека календар со слики од оскудно облечена жена беше пронајден на ѕидот од малата соба што ја користел како лична теретана, велат полициските снимки. Полицијата во станот пронашла и наполнет револвер Смит и Весон калибар 38 и пакување уште 20 куршуми, се вели во посебно полициско соопштение.
Денаро беше осуден во отсуство на повеќекратни доживотни затворски казни за серија злосторства, вклучително и неговата вмешаност во убиствата на антимафијашките обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борселини во 1992 година.
Денаро е затворен во затвор со висок степен на обезбедување во градот Аквила во централна Италија, каде што ќе подлежи на строги правила наречени „41бис“, чија цел е да ги спречи мафијашите да вршат криминални активности зад решетки.
Денаро беше уапсен во сицилијанската престолнина Палермо на 16 јануари, по 30 години бегство, додека одеше во приватна болница каде планираше да се лекува од рак.