Новата декларација на Комисијата за надворешни работи на Бугарското собрание е најдобар доказ дека бугарските барања немаат крај, а клучниот проблем е што нашата Влада не ја почитува Декларацијата изгласана во македонскиот Парламент каде се исцртуваат македонските црвени линии, смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
-Прво, овие најнови активности на Бугарското народно собрание одат во потврда на тезата дека бугарските барања немаат крај. Второ, она кое што многу загрижува е што македонското Собрание донесе Декларација во која што беа испишани таканаречените црвени линии кои Владата треба да ги почитува во односите помеѓу Македонија и Бугарија. Ништо од овие црвени линии не е испочитувано. И клучното прашање не е зошто Бугарија носи декларации, тие може да си носат какви сакаат декларации, клучното прашање е зошто тие документи кои што македонското Собрание ги усвојува и се обврзни, не се почитуваат од Владата на СДСМ и ДУИ, нагласи Николоски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат власта да ги испита наводите дека здруженија, фондации, поединци и странски агентури се вмешани во провокациите кон земјава и да го истражи финансирањето на бугарските клубови, а Бугарија да ги почитува пресудите од Стразбур.
– Македонските институции мора да се спротистават на отворената кампања против Македонија. Финансиските институции на власта да го проверат финансирањето на дел од овие здруженија и внесот на странски пари и потеклото на тие пати со кои што овие здруженија во државата тераат антимакедонска политика. Бараме Владата и министерот за надворешни работи да се заинтересираат за делувањето, целта и постоењето на бугарско здружение во Корча, соседна Албанија каде што во целата област живее мнозинско македонско население. Бараме македонската влада да побара доследно спроведување на пресудите добиени во Судот за човекови права во Стразбур во насока на заштита и признавање на засебноста на Македонците во Бугарија, потенцира Николоски.
Отсуството на државна стратегија, според Николоски, не довело до точка на студена војна со Бугарија.