Путин повторно му се закани на Западот: На вашите тенкови нема да одговориме само со оклопни возила

од Nikola Popovski
167 прегледи

Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин денеска одржа говор по повод 80-годишнината од битката кај Сталинград, каде се осврна на актуелната ситуација во Украина.

Коментирајќи ги настаните од Втората светска војна, Путин рече дека нацизмот и денес е проблем и дека е присутен во модерна форма.

„Гледаме дека идеологијата на нацизмот, во нејзината модерна форма, повторно создава директни закани за безбедноста на нашата земја. Уште еднаш сме принудени да ја отфрлиме агресијата на колективниот Запад“, рече Путин.

Тој исто така рече дека Русија не ги испраќа своите тенкови до границите на западните земји, но дека има со што да одговори на заканите и тоа не само со оклопни возила.

„Оние кои ги вовлекуваат европските земји, вклучително и Германија, во нова војна со Русија, оние кои очекуваат победа над Русија, очигледно не разбираат дека модерната војна со Русија може да биде сосема поинаква за нив. Ние не испраќаме тенкови до нивните граници. но имаме со што да одговориме и не само со оклопни возила“, рекол претседателот на Русија.

Тој исто така нагласил колку е неверојатно што германските тенкови повторно ѝ се закануваат на Русија.

„Неверојатно, но вистинито. Повторно ни се закануваат германски тенкови Леопард на кои има крстови. Тие повторно ќе се борат со Русија на тлото на Украина, а ќе бидат во рацете на потомците на Хитлер, бандеристите“, заклучи Путин.