Бугарската фондација „Македонија“ денеска преку социјалните мрежи упати апел до сите Бугари во Скопје да дојдат во сабота на чествувањето од 151-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев.
Потенцираат дека добиле потврда од 40 Бугари од главниот македонски град дека ќе присуствуваат на гробот на Делчев.
-Апел до сите Бугари во Скопје, особено до младите: Дојдете во сабота на гробот на Гоце заедно да му оддадеме чест во 11:30 часот на паркингот на Калето. Досега над 40 Бугари од Скопје и Северна Македонија ни потврдија дека ќе дојдат, стои во објавата на Фондацијата, при што додаваат дека и бугарски полицајци ќе дојдат во Скопје и ќе придонесуваат во јавниот ред и мир во околината на црквата Св. Спас и гробот на Делчев.
Нејзинот основач Виктор Стојанов вчера објави дека нема да има и нема да бидат дозволени никакви барикади, блокади или провокации. Тој им заблагодари на Министерствата за внатрешни работи на Македонија и Бугарија „што ќе го обезбедуваат редот и мирот за заедничка прослава на роденденот на Гоце Делчев во духот на разбирањето и пријателството“.
Стојанов не смее да влезе во Македонија бидејќи има забрана која важи до 31 јули оваа година.
Се уште нема официјална потврда дали и колку бугарски полицајци ќе им помагаат на македонските во организирањето на редот и мирот на 4-ти февруари.