Кинеското министерство за надворешни работи денеска потврди дека балонот забележан над Латинска Америка, кој САД го назначија како летало за „надзор“, потекнува од Кина, но дека служел за цивилни цели.
Во саботата, американската војска го собори првиот кинески балон што прелета над САД во изминатите неколку дена по наредба на претседателот Џо Бајден, што предизвика остри критики од Пекинг.
Вчера американското министерство за одбрана соопшти дека забележало втор „кинески балон за набљудување“ над Латинска Америка, а Колумбија викендов објави дека балонот прелетал над нејзина територија.
„По проверката, излезе дека балонот без пилот е од Кина. Тој е од цивилна природа и се користи за тестови на летот“, изјави портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи Мао Нинг.
„Под влијание на климата и поради ограничувањата за маневрирање, тој балон сериозно скршна од предвидениот пат и се изгуби на небото над Латинска Америка и Карибите“, рече таа на редовната прес-конференција.
Колумбиските воздухопловни сили соопштија дека балонот бил забележан во петокот наутро и бил следен додека не го напушти националниот воздушен простор.
Колумбиските власти изјавија дека балонот во ниту еден момент не претставувал закана за безбедноста и одбраната на земјата. Не беа соопштени детали каде се наоѓа и кој е неговиот пат.
Во саботата американската војска го собори првиот кинески балон во близина на брегот на американската сојузна држава Јужна Каролина на југоистокот на земјата, а Пентагон веруваше дека станува збор за шпионска направа.
Кина тврди дека се работи за цивилно летало и ги обвини САД дека претерале со употребата на сила.