Матичната компанија на Facebook – Meta Platforms, ја обновува својата нова метаверзум апликација Horizon Worlds во обид да привлече повеќе тинејџери и млади возрасни. За таа цел инвестираше во подобрување на дизајнот на услугата, се вели во белешката испратена до тимот кој работи на проектот, пишува Wall Street Journal.
Новата стратегија вклучува отворање на Horizon за тинејџери на возраст меѓу 13 и 17 години, се додава во текстот. Апликацијата моментално е достапна за луѓе на возраст од 18 години и постари. Новиот потег би можел да биде направен уште во март, велат извори запознаени со ова прашање.
Во меморандумот, наречен „Horizon 2024 – цели и стратегија“, потпретседателот на Meta за Horizon, Габриел Ол ги наведе задачите на тимот за првата половина на 2023 година, а главната е да го подобри задржувањето на корисниците, особено кај тинејџерите и младите. Тоа се генерации кои во голема мера ќе бидат вистинските дигитални граѓани на метаверзумот, кои пораснале во интеракција со технологијата и поврзувајќи се со луѓе на далечина, пишува Ол.
„Денес нашите конкуренти прават многу подобра работа за да ги задоволат уникатните потреби на овие луѓе“, напиша Ол во белешката, видена од Wall Street Journal. „За да успее Horizon, треба да се погрижиме првенствено да и служиме на оваа група“.
Очилата за виртуелна реалност Quest на Meta, се дизајнирани за луѓе на 13 и повеќе години, така што компанијата планира да објави искуства за таа публика во Horizon, објави портпаролот на Меtа, Џо Озборн.
„Тинејџерите веќе поминуваат време во различни искуства со вештачка интелигенција во Quest, а ние сакаме да се увериме дека можеме да им дадеме одлично искуство и во Horizon Worlds, со алатки соодветни на возраста и заштита што им е потребна“, вели Озборн.
Меta потроши милијарди долари за градење на метаверзум, верзија на Интернет каде што корисниците комуницираат во виртуелните светови. Само во 2022 година, компанијата инвестираше 15,9 милијарди долари во одделот Reality Labs, кој има задача да создаде хардвер и софтвер потребни за метаверзумот. Извршниот директор Марк Закерберг тврди дека го смета метаверзумот за следното ниво на компјутерската технологија.
Еден од најголемите проблеми на Horizon е тоа што не успева да ги задржи корисниците. Играчите преземаат игри на нивните очила Quest, ги тестираат, но не наоѓаат искуства или други играчи кои ќе ги мотивираат да се вратат, велат извори запознаени со ова прашање.