Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изјави дека чеченските единици можат дури и да стигнат до Америка, доколку добијат таква наредба од рускиот претседател Владимир Путин.
„Доколку пристигне наредбата на врховниот командант, ние сме подготвени да одиме и на Америка, оставајќи ја Молдавија далеку зад себе. Ваквите наредби не се дискутираат, туку се извршуваат. Ги имаме сите потребни сили, средства и опрема за да го реализираме тоа“, напиша Кадиров на својот канал Телеграм, коментирајќи ја изјавата на секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина Алексеј Данилов дека Русија наводно може да ги префрли чеченските единици во Молдавија за да го организираат доаѓањето на власт на проруските сили.
Кадиров истакна дека таквите „самоуверени експерти“ сè уште треба да ги проучуваат плановите на Русија, а обидите на Западот да ја разбие Русија траат уште од 90-тите години на минатиот век.
Претходно, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека и предал документ на претседателката на Молдавија Маја Санду, кој е „детален план на Русија за уништување на политичката ситуација во Молдавија“.