Ковачевски вели дека неиздавањето на еврообврзницата е од процедурални причини, од опозицијата сметаат дека следното издавање на еврообврзница веќе е многу ризично

од Vladimir Zorba
146 прегледи

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека неиздавањето на еврообврзницата поради непотпишувањето од страна на министерот за правда кој е во оставка, не може негативно да влијае врз кредитниот рејтинг на државата.

Со издавањето на еврообврзницата, државата требаше да обезбеди 600 милиони евра коишто требаше да бидат искористени за отплата на стари долгови и еврообврзница што доспеваат годинава.

Ковачевски денеска изјави дека неиздавањето на еврообврзницата е од процедурални причини и дека не сакале да прават прекршување на постапката бидејќи министерот бил во оставка.

– До изборот на новиот министер, не сакавме да правиме прекршување на постапката. Вчера инвеститорската јавност беше информирана. Постапката ќе биде повторена и успешна штом ќе биде завршена реконструкцијата на Владата, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на градинката „Сонце“ во населбата Волково.

Оценката на директорот на Канцеларијата на Светска Банка за Северна Македонија и Косово, Масимилиано Паолучи е дека постојат доста ликвидни средства на пазарот коишто може да се искористат на соодветен начин.

Според Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Владата и го приредила најголемото понижување и срам на меѓународните финансиски пазари.

„Откажана е еврообврзницата на износ од 600 милиони евра со причина која е неразбирлива за финансискиот свет. Во исто време Владата на СДСМ и ДУИ им покажува на инвеститорите колку се несериозни и на тој начин Македонија го зголемува својот репутациски ризик за сега и за во иднина. Целата ситуација може да се гледа од две страни. Првата, зошто министерот за правда не ги потпишал документите поради кои се откажа еврообврзницата. Дали тој има некакви информации дека парите ќе бидат злоупотребени или пак причината е лична одмазда заради неговата промена? Или е нешто трето? Од друга страна зошто владата дозволи да се издаде еврообврзница во период кога се спремале промени на министри, прашува Димитриеска Кочоска.

Ова, според неа, јасно покажува дека желбата да се задржи власта е огромна, па дури и по цена да се уништи државата.

„Сега разговараат за нови министри, нови коалициони партнери ама без пари ја оставија државата и во исто време и ја уништија иднината. Сега таа иднина е многу понеизвесна, и ќе не чини многу поскапо“, смета таа.

Истакна дека следното издавање на еврообврзница веќе е многу ризично како од аспект на тоа дали ќе има интерес после ваквото промашување и доколку го има која ќе биде цената која ќе ја платиме, а секако ќе биде повисока отколку денес. Затоа што со ваквото однесување Владата испрати сигнали за нестабилност, неизвесност, а тоа ќе резултира со повисоки каматни стапки, децидна е потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.

„Издавањето на еврообврзница е премногу скапа работа за Македонија. Ангажирани беа четири меѓународни финансиски институции кои наплаќаат високи провизии. Провизиите ќе бидат наплатени иако постапката не е завршена до крај. За повторување на истата постапка повторно ќе се плаќаат огромни провизии. Дали е тоа целта? Немаме за лекови ама ќе покриваме трошоци заради неодговорни и незрели политички одлуки“, додаде таа.

Слични содржини