Tesla ги отвора своите станици за полнење за конкуренцијата

од Vladimir Zorba
138 прегледи

Tesla ќе отвори дел од својата мрежа за полнење електрични возила за ривалските возила како дел од федералната програма вредна 7,5 милијарди долари, чија цел е зголемување на бројот на електрични возила на американските автопати и намалување на емисиите на јаглерод диоксид, објави администрацијата на претседателот Џо Бајден.

Ваквиот потег може да ја направи Tesla „универзална станица за полнење“ во ерата на електричните возила и со тоа да ја поткопа конкурентската предност на таа компанија, која моментално е единствена со пристап до најголемата мрежа на т.н. супербрзи полначи во САД, пренесе Ројтерс.

До крајот на следната година, Tesla ќе отвори вкупно 3.500 нови и постоечки станици за полнење долж коридорите на автопатите, како и 4.000 станици за побавно полнење на локации како што се хотели и ресторани, за корисници кои не се на Tesla, соопшти Белата куќа.

Официјален претставник на Белата куќа рече дека Tesla ќе ги исполнува условите за субвенции се додека полначите на компанијата дозволуваат полнење на други возила со федералниот стандард за полнење.

Ројтерс известува дека Tesla има 17.711 суперполначи, кои сочинуваат приближно 60 отсто од вкупниот број на брзи полначи во САД, а има и 10.000 „дестинации“ полначи со Tesla приклучоци кои можат да полнат возило преку ноќ.

Претставниците на Белата куќа не кажаа дали е потпишан договор, но федералните власти ќе ја контролираат исплатата на околу една третина од федералната програма вредна 7,5 милијарди долари, додека државите ќе ја контролираат исплатата на другите две третини, наведува Ројтерс.