Попладнево Фондот за здравствено осигурување соопшти дека исплатата и на аптеките е започната и од утре ќе имаат средства на нивните сметки, откако претходно денеска извести дека нивниот систем профункционирал и стартувала исплатата на боледувањата, породилните и рефундациите.
По хакерскиот напад на институцијата со којшто беа оневозможени услугите Фондот објави дека ИТ-експертите ги финализираат процесите и функционалностите и оти речиси сите модули се ставени во функција.
Со тоа, посочи Фондот, започна исплатата на боледувањата, породилното отсуство и разни рефундации.
– Се очекува осигурениците етапно да ги добиваат средствата на своите сметки во текот на утрешниот ден и во среда. Тоа значи дека веднаш ќе започне исплатата на боледувањата кои биле внесени до 5.2.2023 година. Податоците за боледувањата кои се доставени по овој датум ќе започнат да се внесуваат во подрачните служби за и тие да влезат во системот за редовна исплата, соопшти ФЗО, најавувајќи дека е во тек и враќањето во функција и на ДРГ-системот, за евиденција на болничките услуги.