Рускиот центар за култура и наука во Букурешт ќе престане со своите активности најдоцна до 20 август годинава.
„Центарот со своите неодамнешни активности неповратно отстапи од своите природни цели за зајакнување на културните врски и, за жал, стана алатка за пропаганда, дезинформирање и оправдување на воените злосторства на Руската Федерација во Украина“, се вели во соопштението за печатот од Министерството за надворешни работи.
На барање на романскиот дипломат број еден Богдан Ауреску, денеска (21.02.) во одделот на ниво на државен секретар за стратешки прашања беше повикан амбасадорот на Руската Федерација во Букурешт. Тој му го пренесе категоричното неодобрување на романската страна за „постојаните обиди на руската страна за хибридни напади и дезинформации преку искривување и намерно манипулирање со реалноста“.
„Овие пропусти се интензивираа и добија нови акценти со особена тежина неодамна, откако Руската Федерација започна агресивна војна против Украина“, се вели и во документот испратен до медиумите.
Рускиот центар за култура и наука во Букурешт беше отворен на 15 мај 2015 година, врз основа на Договорот меѓу владите на двете земји. Се наоѓа на булеварот Ласкар Катарјиу бр. 50 во романската престолнина.