Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека на Русија „не смее“ да ѝ се дозволи да победи во војната со Украина и изрази загриженост поради можноста Кина да ја поддржи Москва во тој вооружен конфликт.
„Путин не смее да победи, тоа би било опасно за нашата безбедност и безбедноста на целиот свет“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со украинскиот министер за надворешни работи Димитро Кулеба и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жосеп Борел.
Тој во седиштето на НАТО во Брисел посочи дека Западот не гледа никаков знак дека претседателот Путин се подготвува за мир.
„Напротив. Денеска јасно кажа дека се подготвува за уште повеќе војна. Русија започнува нова офанзива, мобилизирајќи повеќе војници и посегнува кон Северна Кореја и Иран. Исто така, загрижени сме дека можеби Кина планира да ја поддржи руската војна“, додаде Столтенберг.