Рускиот претседател Владимир Путин денеска најави дека руската армија годинава ќе распореди нови интерконтинентални балистички ракети „Сармат“, кои ќе можат да носат повеќе нуклеарни боеви глави.
Еден ден пред првата годишнина од рускиот напад на Украина, Путин изјави дека Русија „ќе посвети посебно внимание“ на зајакнувањето на своите нуклеарни сили, соопшти денеска Кремљ.
„Како и досега, ќе посветиме посебно внимание на зајакнувањето на нуклеарната тријада“, рече Путин, мислејќи на нуклеарните ракети на копно, во морето и во воздухот, пренесува Ројтерс.
Тој изјави дека Русија ќе продолжи со масовното производство на воздушни хиперсонични ракети Кинжал и ќе започне со испорака на хиперсонични ракети Циркон.
Русија оваа недела се повлече од договорот за контрола на нуклеарното вооружување со САД, познат како Нов СТАРТ.
Во пресрет на првата годишнина од војната, во Украина на истокот на земјата се водат жестоки борби. Западните власти веруваат дека Русија планира офанзива за освојување нова територија.