Tesla отсекогаш велеше дека не гледаат конкуренција од другите производители на електрични возила, туку дека најсериозни ривали им се традиционалните производители на автомобили со мотори со внатрешно согорување.
И навистина, ако сакаат да ги остварат своите планови за продажба, сигурно ќе мора да земат дел од колачот од оние производители со стогодишна традиција.
Да потсетиме, Маск пред речиси една година изјави дека нивната цел е Tesla да го зголеми производството на 20 милиони единици годишно до 2030 година. Звучи невозможно, особено ако се земе предвид дека моментално најголемиот производител Toyota произведува едвај над десет милиони возила, според „Index“.
Некои се прашуваат што би се случило ако производител се појави со подобри електрични возила од Tesla. Маск, наводно, нема да има ништо против тоа, тврди Хиромичи Мизуно, член на управниот одбор на Tesla.
Тој изјави за CNBC дека Елон Маск рекол дека ќе го прифати банкротот на Tesla доколку ривал лансира подобар електричен автомобил.
„Не се согласувам секогаш кога Елон вели дека не му пречи да банкротира Tesla ако некој друг излезе со подобар автомобил. Мислам дека тоа е неговата филозофија и на Tesla“, рече членот на управниот одбор на Tesla.
Од неговите зборови лесно може да се заклучи дека Маск во неколку наврати го спомнал банкротот на Tesla. Тешко е да се каже дали Маск мисли дека тоа е една од опциите или е толку убеден во супериорноста на Tesla што малку си дава оддишка со ваквите изјави.
На прашањето што мисли за зголемениот обем на работа на Маск, Мизуно се пошегува дека не е сигурен дали милијардерот е „човек или вонземјанин“.
Воедно, тој изрази благодарност за упорноста на извршниот директор на Tesla.