ЦИВИЛ: Мицкоски изврши груб атак против слободата на говорот

од Vladimir Zorba
130 прегледи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, влегува во лична пресметка и со клевети и закани се нафрли врз новинарот Дерала, инаку претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода, организација за човекови права и слободи.

Во врска со текстот на интернет портал ИНДЕКС (index.mk), со наслов „Мицкоски купил и реновирал куќа во Козле вредна еден милион евра”, во објава на Фејсбук, Мицкоски го споменува, со име и презиме: „…медиумите блиски на ДУИ (лице вработено во кабинетот на Артан Груби) и СДСМ (Џабир Дерала) да ми се извинат за лагите кои ги објавија…”.

Тој во својата објава инсинуира, манипулира и им се заканува на медиумите и на Дерала, со што директно ја загрозува слободата на говорот и медиумските слободи.

Клеветите и дискредитацијата против нив се состои и во тоа што Мицкоски произволно ги етикетира и ги доведува споменатите медиуми во врска со политички партии, со што директно го напаѓа нивниот кредибилитет.

Ваквиот напад, кој доаѓа од највисоката позиција на моќна и многубројна политичка партија, самиот по себе, претставува закана, како по слободата на говорот, така и по безбедноста на новинарките и новинарите, во случајов, директно споменатиот Дерала, односно медиумите против кои тој пишува во објавата на социјалните мрежи.

Сè уште се свежи сеќавањата на газењето врз човековите права, слободата на говорот и медиумските слободи кое го вршеше истата партија за време на владеењето од 2006 до 2016 година. Ова треба да претставува аларм за целото општество. Не смееме да дозволиме медиумите да ја веднат главата пред режимскиот порив на Мицкоски или било кој друг политичар кој ќе се обиде да ја загрози слободата на говорот.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува новинарските здруженија, регулаторни и саморегулаторни тела, како и граѓански здруженија за заштита на човековите права и слободи, да го осудат и да го отфрлат ваквото непримерно однесување на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

ЦИВИЛ ќе се обрати и до дипломатските претставништва и меѓународните организации и институции и ќе побара заштита на медиумите и новинарот Џабир Дерала од понатамошен јавен линч што го спроведуваат радикалните политички групи и партии во земјата и кој трае со години, а во овој случај, кон јавниот линч се придружи и самиот претседател на една парламентарна политичка парија, ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението на ЦИВИЛ.

Слични содржини