Лебот и антинародното мицковистичко дпмне

од Nikola Popovski
336 прегледи

Колку многу мицовистичкото дпмне се оддалечи, па дури и дегенерички се трансформира во суштинска спротивност на холистичкото трансисториско значење на ВМРО односно историската идеологија целосно се покажа и во актуелниот случај со цената на лебот. Преку скандалозната директна поддршка на антинародните и антикапиталистички профитерски барања и јавни уцени на некое си таканаречено здружение на пекари, или така нешто, тие и овојпат (како впрочем веќе долги 5 години) застанаа на страната на монополистичкиот профитерски систем кој по дефиниција е спротивен на интересите на народот.

Со редица директни критики против оправданата, политички легитимна и легална одлука на државата-владата за определување на највисока цена на лебот во која е пресметан и профит за пекарите, тие и овојпат делуваа против сопствениот народ односно граѓаните, фундаментот и онтолошкиот стожер заради кои беше формирано, постоеше и треба да постои ВМРО, заштитникот на интересите на народот, а не на профитот на грст капиталисти кои како во времето на дивиот капитализам имаа намера да ги прекршат сите правила на слободниот пазар и конкурентското производство.

На тој начин, и овојпат се потврди фактот дека мицковистичото дпмне всушност е анти-ВМРО, ориентирано против својот темел за сопственото постоење на партијата. ВМРО никогаш во историјата, освен во темните години на Ванчо Михајлов, не било налик на нечиј приватен имот оставен како наследство од татко му или приватна профитерска компанија, како што во актуелниот историски миг често делува – туку израз на најдлабоките освестени потреби на народот. Од оваа кратка временска дистанца, изгледа дека сета таа напати реално драматична ситуација на недостаток од леб беше предизвикана од координираното дејство на некоја група од интерес за повеќе профит со безобѕирните напори за доаѓање на власт на таа, во плаузибилна смисла кажано, групација од интерес сочинувана од двеста-триста ликови кое сеуште ги нарекуваат актуелно раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Во драстично прекршување на сите принципи на современиот капитализам и неолиберална економија, тоа здружение на пекари дури и експлицитно ја изрази интенцијата за воспоставување на монопол на пазарот со леб, што е само по себе спротивно на првиот принцип на капитализмот, а тоа е слободната пазарна и производствена конкуренција. Како што секој студент од прва година студии на економија знае (а судејќи според јавните изјави не и некои гротескни ликови кои дури се рекламираат како економски експерти на мицковистичкото дпмне), одамна во економските науки е утврдено дека современиот капиталистички економски систем не може да функционира врз основа на Кејнзиевската невидлива рака на пазарот или Фридмановиот принцип на примарноста и исклучивоста на профитот, што го признаваат дури и современите следбеници на екстремниот капиталистичкиот модел на мислење на Лудвиг фон Мизес.

Уште повеќе, и емпириски и теоретски доминантно е сознанието дека бизнис без интринсична примена на етички принципи е неодржлив, и дека порано или подоцна таквиот модел на водење на бизнис ќе доведе до намалување на профитот наместо негово масимализирање преку инструментализација на неетички и незаконски бизнис одлуки. Тоа впрочем се докажа и на овој бизарен пример со непроизводство на леб, затоа што сосема сигурно продажбата на лебот од тие пекари ќе биде намален, ќе се создаде сомнеж во врска со вкупното функционирање на некои пекари кај бизнис партнерите и банките, а потрошувачите веројатно ќе се преориентираат кон купување на други брендови производители на леб и мали пекари, купување на автоматски машини за домашно приготвување на леб итн.

Тоа што од пред неколку години се повеќе важи за економски најразвиените држави и веќе стана практика на се помасивен државен интервенционизам, мора да важи посебно за нашата економска реалност во услови на пандемија на ковид и војната меѓу Русија и Украина – бидејќи такво пореметување на воспоставените принципи на бизнис и традиционални економски модели на функционирање практично немало од втората светска војна наваму. Денес државниот интервенционизам станува се понеопходен за колку-толку нормално работење па дури и за самото одржување на економскиот систем, и сите државни одлуки во таа насока мора да бидат почитувани од бизнисот, дополнително со афирмација и почесто конкретно општествено одговорно корпоративно работење. Во таква комплицирана економска и бизнис ситуација, сите субвенции кои државата ги определува треба да стимулираат разумен профит на компаниите, а не злоупотреба на истите и мултиплицирање на профитот токму преку субвенциите, за што има примери кај нас, според веродостојни информации од министерството за економија и други релевантни државни  институции.

Кулминација на историската фарса на ВМРО екстраполирана преку мицковистичкото дпмне беа крајно комичните „аргументи“ на нивните ѓоамити економски експерти со кои ги штитеа пекарите кои несомнено делуваа против државата и народот, од типот дека големите пекари имале кредити, дека некои градови немале големи маркети па затоа таму цената на лебот беше пониска и слично. Се разбира, сето тоа дури и директно даде поддршка на уцените, со веројатна цел за предизвикување на незадоволство кај народот од власта, и само по себе питорескно го отсликува очајното ниво на не-присутност на интелект внатре мицковистичкото дпмне.

Меѓутоа, уште поважно, го комплетира мозаикот на неговата денешна не-потребност, во оваа и ваква дискурзивна форма на постоење. Без оглед на апсолутната доминација на дпмне мицковистичката пропаганда во јавниот дискурс (за што со години се чудам како тоа воопшто може државата да го дозволи) примарно преку медиумскиот гебелсовски-ждановистички агитпроп, сепак ќе остане запомнето во колективната меморија на народот кој го остави без леб неколку дена, а доколку не се случеше решителното постапување на државата-владата ќе беше навистина многу полошо. Главниот заклучок од сета оваа трагикомична сага на мицковистичкото дпмне со поддршката на антинародните уцени за цената на лебот јасно произлегува од прашањето дали и кому му е потребно вакво вмро-дпмне, суштинска спротивност на ВМРО идеалите и парадигмите, сведено на мала група таму, кои сеуште уживаат во историскиот благодет создаден и кумулиран од дејноста на стотици илјади луѓе во различни историски епохи кои имале буквално спротивни цели и визии од овие нивните сега.

Се чини дека доаѓа моментот кога секој човек со памет треба да донесе високо-рационална одлука за гласачко отфрлање на ваквото вмро дпмне – мицковистичко дпмне и нивно политичко испраќање на ѓубриштето на македонската политичка историја. Во тој контекст, државата мора самосвесно, во име на демократијата и понатамошниот економски и секаков друг развиток да пронајде легитимни и легални модуси за скратување на огромните буџетски, народни пари за тоа здружение таму, дури преку милион евра годишно (!). Лично, моето мислење е и дека изборот на професор доктор Гордан Калајџиев за државен јавен обвинител откако г-н Јовески ќе биде избран за судија во Уставен суд, би бил вистински умен политички и правен избор на самата држава, додека сеирот од очекуваната потврда од апелациониот суд на веќе постоечката судска одлука за заплена на имотот на мицковистичкото дпмне ќе биде скапоцен миг во животот и историјата на Македонија.

Проф. Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини