Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го честиташе 8 март – Меѓународниот ден на жената и го цитираше поранешниот генсек на ОН, Кофи Анан.
-„Родовата еднаквост е повеќе од цел сама по себе, тоа е предуслов за намалување на сиромаштијата, промоција на одржлив развој и градење на добро владеење“, кажа поранешниот генералниот секретар на ОН Кофи Анан. И навистина низ неговите зборови најдобро се опишува борбата за родова еднаквост, затоа што тоа не е цел сама по себе, туку е само дел од поширок спектар на добри практики кои мора да бидат исполнети, ако сакаме здраво општество, базирано на еднаквост, почит и просперитет, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
Според него, „не е доволно само декларативна заложба за родова еднаквост, како што тоа го прави актуелната власт“.
-Тоа е потценување на интелигенцијата на жените, потребни се коренити промени, а тие доаѓаат најпрво преку градење на систем на добро владеење кој се темели на закони и правила, а не на криминал и криминални кланови кои го загрозуваат животот на граѓаните. Не е доволно власта да се залага за еднаквост, а жените, исто како и мажите, да тонат во сиромаштија заради тоа што власта е криминална и краде. Потребни се големи чекори напред. Потребна е вистинска заложба и искрени намери, не за политички поени, туку за подобра иднина на нашите деца. Честит 8 Mарт. Промените ќе дојдат, објави Мицкоски на Фејсбук.