Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во интервју за емисијата „Трилинг“, говорејќи за издавањето на еврообврзница истакна дека државата бележи намалување во задолжувањето. Дел од парите од издадената еврообврзница се користат за враќање на долг од 2016 година, направен од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ кој треба да се врати до јули годинава. Претседателот на Владата Ковачевски истакна дека голем дел од средствата се користат за капитални инвестиции кои се од големо значање за државата и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Ковачевски рече дека доколку се анализира структурата на целиот јавен долг минатата година ја завршивме со 57% задолжување во однос на БДП, што значи намалување на долгот во однос на претходните години. Најголем дел од средствата се искористени за капитални инвестиции. Стратегијата на Владата е инвестициите да бидат поголеми од дефицитот, истакна премиерот.
„Кога зборуваме за задолжување заради капиталните инвестиции во државата, и минатата и оваа година, го следиме главното правило на финансиите, а тоа е инвестициите да бидат поголеми од дефицитот, а задолжувањето да се користи за капитални инвестиции. Минатата година ја завршивме со историски највисоко ниво на капитални инвестиции, 465 милиони евра. Го пуштивме во употреба експресниот пат до Кочани, што е комплетно финално решение од Штип до Кочани. Изминативе пет години направени се 78 градинки во држава, се работеше на голем број објекти во земјоделството, го пуштивме во употреба системот за наводнување Ранковце. Вчера го потпишавме договорот за почеток на изградба на Коридорот 8 и за Коридорот 10д”, рече премиерот Ковачевски.