Денеска, (13.03.2023), во Касарна Илинден Скопје се оддржа свечено одбележување на 13 Март – Денот на формирањето на Специјалната Антитерористичка Единица- „ТИГАР“ и 42 години од постоењето на Единицата, во присуство на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со највисокото раководство во МВР, како и високи претставници од Владата и Генералштабот на Армијата, амбасадори и полициски аташеа при амбасадите во земјава, поранешни команданти на Единицата, семејствата на загинатите припадници на Единицата и бројни гости, соработници и пријатели на Специјалната антитерористичка единица ,,Тигар“ при Бирото за Јавна безбедност во рамките на МВР.
Пред спомен плочата на загинатите припадници на САЕ-,,ТИГАР“ беше положено цвеќе од страна на официјалните делегации од Влада, МВР и семејствата на загинатите припадници на Единицата, како и од делегацијата на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина предводена од министер за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ.
„Денес сите ние со гордост стоиме пред вас. Безбедноста на граѓаните ни е најважна, но како Влада подеднакво ни е важна и вашата безбедност почитувани припадници на специјалната антитерористичка единица Тигар. Наша задача како Влада е да ви ги обезбедиме најдобрите услови за работа. Она со што се гордееме е дека САЕ Тигар со својата врвна стручност и професионално извршување на задачите не се разликува од европските полиции, тоа досега во повеќе наврати го имаат докажано и покажано. За вас не постои горна граница на постигнувања бидејќи секогаш се стремите да бидете подобри и јас ви честитам за тоа”, рече премиерот Ковачевски во своето обраќање.
Министерот Спасовски истакна дека кога се зборува за елитна полициска формација во безбедносниот систем на државата, станува збор за Специјалната антитерористичка единица ТИГАР при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи, која зад себе има 42 години исполнети со бројни активности, специјализирани меѓународни обуки, врвни акции и полициски операции.
„Храбро чекорејќи во петтата деценија од своето постоење, Специјалната антитерористичка единица ТИГАР се профилираше во високоспецијализиран тим на обучени полициски службеници, секогаш беспрекорно подготвени да се спротивстават на новите предизвици во борбата против тероризмот и организираниот криминал, како најголема закана на новото време. Досегашните резултати, пак, се уште еден показател дека ТИГАР како единица е позиционирана рамо до рамо со истородните формации од Европа и светот, парирајќи им како во стандардите на опременост и стручност, така и во врвно професионалното полициско постапување”, истакна министерот Спасовски.