Студентскиот отпор најави блокади на повеќе улици и булевари во градот Скопје, бидејќи, како што велат, ништо од ветуваното не им е исполнето. Според нив, „МОН преку својата континуирана негрижа за студентите и почитување на законските рокови ги принудува студентите повторно со протести и радикализација да си ги бараат своите права“.
-Постојано се доцни со исплата на Субвенциониран студентски оброк. Според законот МОН е задолжен на секој 1-ви од новиот месец да исплаќа средства (околу 2500 денари) за претходниот месец, студентите минатата недела ги примија средствата за Јануари, потенцираат од таму.
Додаваат дека се доцни и со исплатата на стипендии за студентите кои ја продолжуваат стипендијата – слична ситуација како со субвенционираниот студентски оброк.
-Реконструкцијата на студентските домови иако најавувана за 2023та година се’ уште не е започната. Како што гледаме МОН се дрзна и овој самопоставен рок од 15 Март да го запостави, па во таа насока најавуваме протести и блокади на цело Скопје. Не како минатиот пат со еден протест и еден марш туку секојдневна блокада на сите булевари во главниот град, стои во соопштението од Студентски отпор.