Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и Мирослав Лајчак, специјален пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, во сабота на 18-ти март ќе се обидат да ги доближат решенијата предложени од Западот до претседателот на Србија, Александар Вучиќ и до премиерот во Косово, Албин Курти. Курти пред средбата на високо ниво во Охрид разговарал со специјалниот пратеник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин, на кого му кажал дека се отворени за дијалог и нормализација на односите. Од Брисел очекуваат одговорност и храброст од двајцата лидери. Како што кажа Борел – време е Белград и Приштина да се договорат како да го спроведат европскиот предлог што го прифатија.
Останува прашањето што ќе се случи во сабота – историско меѓусебно признавање или двете страни јасно ќе кажат кога и како ќе го спроведат договореното во пракса од последниот состанок во Брисел? Исто така се останува енигма што ваквиот договор би значел за Македонија и остатокот од регионот? Косовскиот експерт за безбедност Дризан Шала во разговор за „Локално“ вели дека неговите очекувања од оваа средба се мали врз основа на фактот дека Србија преку продолжување на договорот за потпишување ќе ја доведе ситуацијата до точка кога овој процес ќе може да добие насока по локалните избори на северот на земјата на 23 април.
-Во Охрид, страните ќе се обидат преку поединечни средби да убедат дека во случај на блокирање на договорот ќе сносат економски и политички санкции за својата земја, со што ќе се потенцира опасноста од патот за членство во ЕУ. Сега ситуацијата е комплицирана врз основа на принципите на француско-германскиот план, каде што како резултат на двоумењето на српската, но и на косовската страна, Борел е принуден од состанокот во февруари 2023 година да изјави дека страните се договорија за овие планови и сега треба само да се спроведе анекс-договорот за начинот на спроведување на овој процес, порачува Шала.
Според него, Северна Македонија како земја-домаќин на оваа средба е доказ дека страните можат да се договорат во случај да имаат посредници меѓу нив, исто како што имаше Северна Македонија со Грција за името, како и сега во процесот на членство и контекстот со Бугарија, во кој само преку дијалог може да се дојде до оптимално решение под духот на политиките на ЕУ.
-И ако, хипотетички, страните одат чекор понатаму по Охрид, тогаш можеме да кажеме дека тоа директно ќе се одрази на напредокот на Северна Македонија кон членство во ЕУ, смета Шала.
Косовскиот политички аналитичар Газмир Раци исто така не очекува договор или потпишување на некаков документ в сабота во Охрид. Во разговор за „Локално“ вели дека Косово и Србија ќе продолжат со дискусиите за спроведување на анексот на планот на ЕУ што Косово го прифати во Брисел.
– Србија се уште има проблеми поради влијанието на Русија, бидејќи точката 4 од француско-германскиот план ја обврзува Србија да ги применува условите од член 21 од Договорот за Европската унија за усогласување на својата надворешна и безбедносна политика со политиката на ЕУ. Од Србија се бара да воведе санкции кон Руската Федерација поради војната во Украина, истакнува Раци.
Додава дека овој пат се вклучени шефовите на државите на Германија и Франција, како и американскиот претседател, па овој предлог е многу сериозен.
-Отфрлањето на овој план го загрозува патот кон членство и на Косово и на Србија во ЕУ. Се очекува церемонијата на потпишување да се одржи во Париз или Берлин во присуство на сите шефови на држави од Европската унија и тоа е најголемата гаранција што ќе ја има овој план, потенцира аналитичарот.
Со претходните соговорници, се согласува и политикологот од Косово, Албинот Малоку.
-Потпишувањето би било крај на овој дел од дијалогот, но не верувам дека тоа може да се случи на 18 март, анализира тој за „Локално“.
Тој е категоричен дека формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО) е суштинско прашање со кое државата Косово мора да се соочи.
-Мора да се најде решение за тоа прашање, кое нуди процесна перспектива. Иронично, премиерот Курти, кој беше силен противник, мора да се соочи со ова прашање. Веќе не остава впечаток дека е против тоа. Од друга страна, Србија мора да се соочи и со фактот дека ја признава државата Косово, но не верувам дека тоа сега ќе се случи де јуре. Во европскиот план тоа не се бара од Србија, како што се бара од Косово да го воспостави ЗСО, укажува Малоку.
За претходните договори што ги потпишаа Косово и Србија, аналитичарот вели дека во Брисел беа потпишани околу 33 договори.
-Од нив, не мал број беа спроведени од Србија, додека Косово имаше само еден, односно ЗСО. Никој не вршеше притисок врз Србија за нејзиниот дел од обврските. Европската унија не беше ниту фер ниту коректна кон Косово. Сегашниот француско-германски план ги обврзува страните да ги спроведат сите постигнати договори. Доколку Европската Унија ги следи чекорите на страните кон имплементација на постигнатите договори, тие ќе ги спроведат, оценува тој.
ЗСО воопшто не е најважното прашање во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија, иако е првиот европски тест за Вучиќ, смета колумнистот и политички аналитичар Фадиљ Љепаја.
-Ако по секоја цена инсистира на елементите на државноста, инсистира на одлични надлежности и ако одбие реципроцитет, односно не прифати прашањето да се регулира на истите принципи што ќе важат за малцинствата во Србија, мислам дека г. Вучиќ ќе падне година, односно паѓа на испитот на кој не успева да докаже дека е навистина европски ориентиран, ниту пак ги разбира и прифаќа принципите на соработка и односи меѓу заедниците и државите во ЕУ, вели соговорникот за „Локално“.
Порачува дека „Охрид е место каде една заедница во Македонија, која поради својата големина и компактност (територијално) тешко може да се третира како малцинска заедница, прифати договор кој и овозможува да ја зачува и продолжи да ја гради заедничката држава Македонија“, мислејќи на Охридскиот рамковен договор.
-Вучиќ веројатно ја разбира пораката, но прашањето за неговата политичка сила во Србија е дали ќе му биде дозволено или ќе може да го потпише европскиот план. Во секој случај, доколку не потпише, на Србија ќе ѝ се блокира патот кон Европската Унија, а тоа ќе ја отвори вратата за уништување, односно за нејзино натамошно распаѓање, смета Љепаја.
Аналитичарот е дециден дека ова е историски момент, пред се, како што тврди, Србија да се преориентира на европскиот пат, во новиот поредок што се создава пред нашите очи.
-Последиците од потпишување или непотпишување се регионални, бидејќи се работи за принципи кои ќе важат за сите, ни рече соговорникот.
Н.П.