„Дваесет години сум вработена во Министерството за труд и социјална политика, девет години во приватниот сектор и три години во граѓанскиот сектор. Со цело тоа искуство сметам дека можам да одговорам на предизвиците со кои се соочува Министерството за труд и социјална политика” рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во утринското интервју за Слободен печат.
За време на гостувањето министерката се осврна и на зголемувањето на минималната плата кое се усвои изминатиот период.
„Кога дојдов како министерка, прво решение кое го донесовме беше измената на Законот за минимална плата односно донесување на системско решение кое ќе значи постојан раст на платите. Ако сме популисти ќе донесевме решенија кои ќе даваат резултат на краток рок. Меѓутоа интенцијата на оваа Влада и на министерството е да носиме системски решенија. Законот за минимална плата го гарантира тоа“, посочи Тренчевска.
Таа истакна дека за носењето на ваквото решение немаше отпор од страна на релевантните чинители, туку дека ова решение е донесено преку консензус. Министерката посочи дека приватниот сектор не треба да се врзува за минималната плата како основна плата за сите вработени, туку плата под која не смее да биде исплатен ниту еден работник.