Зградата на МНР осветлена во боите на германското знаме по повод утрешната посета на Бербок

од Vladimir Zorba
157 прегледи

По повод утрешната посета на министерката за надворешни работи на Сојузна Република Германија Аналена Бербок на Република Северна Македонија, зградата на Министерството за надворешни работи вечерва е осветлена во боите на германското знаме.

-Германија продолжува да биде еден од најсилните промотори на европската интеграција на регионот, стои во објавата на официјалната фејсбук страница на МНР.

Како што соопшти МНР, Бербок утре ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија на покана на нејзиниот колега шефот на дипломатијата Бујар Османи, во рамки на која ќе има средби и со претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

Шефицата на германската дипломатија ќе оствари средби и со парламентарната Комисија за надворешна политика, како и со претставници на опозициските партии.

Според агендата од МНР, по пристигнувањето, Бербок и Османи ќе одржат тет-а-тет средба, потоа ќе следува средба на двете делегации, а двајцата министри ќе одржат и заедничка прес – конференција.

Фокусот на разговорите меѓу двајцата министри, како што најавија двете страни, ќе биде пристапниот процес на земјата во ЕУ, а особено потребата за уставни измени како неопходен чекор кон Унијата.

Од Скопје, Аналена Бербок во петок ќе отпатува во Грузија.

Слични содржини