Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска изјави дека се преземаат опсежни истражни мерки за расветлување на случајот за обид за организирано бегство на затвореници од Казнено поправниот дом Идризово преку копање подземен тунел .
„Во КПД Издризово се преземаат опсежни истражни мерки, не само сега после откривањето. Тој процес беше започнат и претходно. Сè што спаѓа во тие истражни мерки со цел да се обезбедат докази. Се работи во соработка со јавниот обвинител за организиран криминал. Меѓу другото треба да се докаже и учеството на вработените во затворските институции во оваа постапка“, изјави Спасовски на новинарско прашање по промоцијата на кампања на МВР.
Сознанијата за активностите кои биле преземени во затворите, како што рече, МВР ги имало околу два месеца.
„Цело време се работи заедно со Управата за извршување на санкции, Агенцијата за национална безбедност, и во тие рамки се подигна и степенот на обезбедување и во затворот и надвор од затворот. Надлежни се министерството за правда и Управата за извршување на санкции, меѓутоа МВР беше секогаш тука за да помогнеме да не се наруши безбедноста“, рече Спасовски.
Тој порача дека за секој кој сторил кривично дело мора да има санкции и одговорност.