Костадиновска-Стојчевска: Вреди да се бориме за свет во кој секоја жена и девојка имаат можност да бидат достојно вреднувани и почитувани

од Vladimir Zorba
102 прегледи

„Отсекогаш сум верувала во моќта на уметноста и на културата да ги зближат луѓето и да негуваат единство, но, исто така, ја препознавам важноста од признавање и справување со борбите и тешкотиите со кои се соочуваат жените и девојките во нашиот регион на патот кон ЕУ“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на регионалната конференција: Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ „Гласно и храбро ги поместуваме границите“, која се одржува денеска и утре.

Во своето обраќање на панел-дискусијата „Говор на омраза, регионална сенка која обесхрабрува“, Костадиновска-Стојчевска истакна дека додека ние тука говориме, буквално секоја секунда имаме онлајн говор на омраза, факт кој не можеме туку така да го игнорираме.

„Сенката на социјалните мрежи, повикот за линч, омаловажувањето и обесхрабрувањето на жените да учествуваат во општествените и политичките процеси, често се сенки кои буквално ги засенуваат жените и ги помрачуваат нивните соништа“, рече министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска посочи дека и ние жените, но ова еднакво важи и за мажите, вреди да се бориме за свет во кој секоја жена и девојка имаат можност да бидат достојно вреднувани и почитувани.

„Како министерка за култура, верувам дека културата има клучна улога во оваа борба. Културата има моќ да го трансформира општеството, да ги предизвикува стереотипите и да промовира различност и инклузија. Мора да ја искористиме оваа моќ на културата и уметноста за да креираме подобро општество“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Регионалната конференција, која денеска и утре се одржува во Скопје, е во организација на Министерството за труд и социјална политика во соработка и со поддршка на „UN Woman“ и проектот „Gender Equality Facility (GEF)“ на канцеларијата на „UN Woman“ во Република Северна Македонија.

Конференцијата е последен настан од кампањата „Гласна и храбра“ што ја спроведуваше Министерството за труд и социјална политика овој месец.

Слични содржини