Словенечкиот премиер, Роберт Голоб, на денешната прес-конференција оцени дека Словенија и Северна Македонија се на иста линија и нè соединуваат одлични билатерални односи и меѓу народите.
За таа цел, како што рече премиерот Голоб, Словенија е еден од најголемите инвеститори во Северна Македонија, со можности за зголемување на трговската размена, ги посочи студентите од нашата држава кои студираат во Словенија, како мост за соработката, а Словенија го поддржува и развојот на Северна Македонија и во други области од важност за граѓаните.
„Словенија сака да ѝ помогне на Северна Македонија во сите можни форми. Постои големо разбирање на словенечкото стопанство за развојот на Северна Македонија“, рече премиерот Голоб.
Словенечкиот премиер порача дека процесот на пристапните преговори, што започна лани, не смее да запре и ја нагласи поддршката за натамошниот тек на евроинтеграциите.
„Приближувањето кон ЕУ не смее да сопре и тоа е клучната порака. Веруваме дека евроатлантскиот пат на Северна Македонија е еден од најзначајните гаранти за стабилноста на Западен Балкан. Иако постојат доста елементи на кои не им е од интерес тоа. Ќе сториме сè да ја поддржиме оваа Влада на премиерот Ковачевски и сите остананати напори, за да ги исполниме очекувањата на ЕУ, а и ЕУ го разбира моментот во Северна Македонија“, рече премиерот Голоб, посочувајки на активната улога што ја има Словенија во Брисел и во регионот.
Во одговорите на новинарските прашања, премиерот Голоб нагласи дека Северна Македонија е дел од Европа, дека премногу чекаше на интегрирањето во ЕУ „и денес е на точка кога процесот се помести и мора да направиме сè овој процес да не запре никогаш повеќе“.
Премиерот Голоб изрази очекување дека ќе надвладее разумот кај сите политички субјекти во Северна Македонија, затоа што ова прашање не е од партиски карактер, туку станува збор за „историска можност којашто има врска со иднината“, како и изрази очекување дека до ноевмри ќе се исполнат сите услови и во декември ќе се утврди дека Северна Македонија ќе може да продолжи со преговорите со ЕУ.