Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Република Словенија, Роберт Голоб денеска во Љубљана потпишаа Заедничка декларација за зајакната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија, по што одражаа и заедничка прес конференција, на којашто е оценето дека денешните средби и потпишаната Декларација се уште еден јасен одраз на искреното, долгогодишно и цврсто пријателство и партнерство меѓу двете држави, како и патоказ за натамошната соработка.
„Нашата соработка е особено плодна на полето на економијата и инвестициите. Ме радува што словенечките инвеститори имаат интерес за Северна Македонија. Словенечкиот капитал е традиционално многу присутен во нашата земја, како по обем, така и по број на инвестиции, и минатата година, трговијата меѓу две земји продолжи да расте.
Словенечките инвестиции во Северна Македонија се околу 6.9 % од вкупниот прилив на странски директни инвестиции, што ја прави Словенечките инвестиции во Северна Македонија се околу 6.9 % од вкупниот прилив.
Статистиката вели дека вкупниот кумулативен прилив на странски директни инветсиции е над 400 милиони евра. Во Северна Македонија работат над 40 словенечки компании кои вработуваат 2500 вработени, меѓу нив „ТАБ МАК“, „ЛТХ“ – леарница во Охрид, инвестиција со питка вода во Пробиштип, како и на винаријата Ормож – Пуклавец во Дисан, Неготино. Тука се и пречистителните станици во Штип и Неготино.
Словенечките инвеститори имаат акции во Комерцијална банка, Охридска банка, а Нова Љубљанска Банка е сопственик на Тутунска банка, којашто е една од подобрите банки во земјата. Прва Покојнска Дружба и Нова Љубљанска Банка се со-основачи на двата приватни пензиски фонда во РСМ“, рече Ковачевски.
Потенцијал за соработка, како што оцени премиерот Ковачевски, има и во областа на телекомуникациите, производството на органска храна, енергетиката и туризмот, дигитализацијата, овозможување директни летови меѓу двете земји.
„Посебно ме радува што во моментов има околу 1.500 студенти од Северна Македонија на редовни додипломски и магистерски студии на Факултетот за економија и бизнис на Универзитетот во Љубљана. И лично, а и во Владата, посакуваме овие студенти, по завршувањето на студиите да се вратат во Северна Македонија и да го применат стекнатото знаење.
Европските услови за живот се потребни како за младите луѓе, така и за сите наши граѓани и уште еднаш, благодарност до Вас, пријателе Голоб, до Владата на Словенија и до граѓаните на Република Словенија, да го задржиме курсот на европскиот пат и со динамичен реформски процес, да го осигуриме членството во Европската Унија, што ние веруваме дека е возможно да се случи до 2030 година“, рече премиерот Ковачевски.