Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски најавува тужба против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК, Вилма Русковска после вчерашните изјави во дебатна емисија.
Тој во кратка изјава за „Локално“ информира дека во моментов подготвува барање за јавно извинување, а доколку не следи, ќе поднесе тужба за клевета и навреда од страна на Русковска.
Поранешната главна јавна обвинителка вчера во „Топ тема“ изнесе тврдење дека била разрешена од функцијата затоа што отворила истрага против Рашковски. Порача дека имала притисок и закани да се откаже од шефовското место, а за возврат и било понудено да стане заменик републички Јавен Обвинител.
Русковска претпоставува дека со понудата на тие повисоки функции, ако таа ги прифатела, можеби ќе требала и да ја повлече односно откаже од истрагата за случајот со Рашковски.
-Освен притисоците за Рашковски и заканите кои ги имав, други пречки не сум имала, рече Русковска.
Рашковски е обвинет во случајот „Софтвери“ за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”.