„Антикорупциската борба е систем на сврзани садови и кога клучните елементи во тој систем целосно затајуваат, последиците ги чувствуваме сите. Четирите проценти доверба во судството се доволни да ја опишат оваа состојба, но и да покажат дека само со темелни промени во оваа гранка на власта и елиминирање на неказнивоста, вистински ќе функционираат и ќе дадат резултат сите други механизми.
И само така може да ја менуваме целокупната култура, менталитетот и односот на секој поединец кон корупцијата, која го разјадува општеството, го блокира развојот и ни ја краде иднината и перспективите”, истакна Заменичката на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешната конференција на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Нагласувајќи ја важноста на проактивниот однос на сите институции кога станува збор за спречување на корупцијата, вицепремиерката Грковска посочи дека институциите и носителите на функција не смеат да ги игнорираат наодите од кој било релевантен
извештај.
„Унапредувањето на свеста за потребата од интегритет и професионално, одговорно и ефикасно работење кај носителите на јавни функции и јавните службеници е суштинско за менување на политичката култура, која, мора да си признаеме е недоволно развиена”, изјави Грковска.
Во своето обраќање, таа се осврна на тековните активностите предводени од нејзиниот Кабинет во насока на јакнење на антикорупциските практики и механизми во извршната власт.
Меѓу нив се напорите да се обезбеди трајно системско решение за задолжителни обуки за интегритет и антикорупција, стимулирање на проактивната транспарентност на институциите, подобрување на правната и регулаторната рамка за јавните набавки, подготовка на закон со кој ќе се дозволи конфискација на имот за кој судот одлучил дека не може да се докаже дека е стекнат од законски извори и измени на прописите со кои се уредува функцијата в.д. директор за да се ограничи злоупотребувањето на позицијата.
Вицепремиерката Грковска, исто така, нагласи дека подобрувањето на пристапот до услугите за граѓаните и елиминирањето на корупциските ризици се во основата и на Концептот за дигитална трансформација на општеството, чија имплементација се
подготвува периодов.
Годишната конференција на ДКСК за оценка на остварувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 претставува осврт на активностите, предизвиците и пречките со кои што се соочуваат институциите при нејзината имплементација и со тоа сигнализира какви измени се потребни вo поглед на самата Стратегија и на регулативите за намалување на корупциските ризици.