Делови за кои се верува дека се од срушениот јапонски воен хеликоптер „Блек Хок“ со десет членови на екипажот се пронајдени во морето, соопштија денеска официјални лица.
Хеликоптерот „Блек Хок“ се урнал вчера попладне додека бил на извидничка мисија во близина на јужните јапонски острови, изјави шефот на копнените одбранбени сили Јасунори Мориште.
Јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада, видно потресен, изјави за новинарите дека ниту еден од исчезнатите членови на екипажот не е пронајден и дека потрагата продолжува денеска.
Тој рече дека ќе ги преземе сите мерки за безбедно работење на воените авиони.
„Ќе направиме се што можеме за да ги спасиме 10-те луѓе кои се уште се водат за исчезнати додека ние се обидуваме да собереме информации за размерите на штетата“, рече тој.
Хеликоптерот исчезна од радарот само 10 минути по полетувањето од базата на островот Мијако и се верува дека се урнал во водите меѓу Мијако и блискиот остров Ирабу. Таа област е на околу 1.800 километри југозападно од Токио.
Патролните чамци на крајбрежната стража пронајдоа неискористен чамец за спасување со сериски број што одговара на исчезнатиот хеликоптер и врата за која се верува дека му припаѓа на истото летало во близина на претпоставеното место на несреќата, соопштија воени претставници.
Јапонија агресивно ги зајакнува своите одбранбени капацитети на своите југозападни острови како одговор на зголемената воена активност на Кина во регионот, вклучително и во близина на Тајван.
Хеликоптерот бил стациониран во воена база во префектурата Кумамото на главниот јужен јапонски остров Кјушу, изјави синоќа Мориште.
Еден од 10-те членови на екипажот е командантот на дивизијата Јуичи Сакамото, кој неодамна беше унапреден на таа позиција. Војската соопшти дека хеликоптерот поминал рутинска безбедносна проверка кон крајот на март.