Американското Министерство за правда покрена истрага за можното „протекување“ на доверливи документи на Пентагон за помошта на САД и НАТО за Украина, кои беа објавени на неколку страници на социјалните мрежи, но можеби се изменети или користени како дел од кампања за дезинформации.
Документите, кои беа објавени на социјалните медиуми, како што е Твитер, се класифицирани како доверливи и датирани помеѓу 23 февруари и 1 март, и даваат детали за испораките на оружје и опрема за Украина со попрецизни временски рокови и количини отколку што генерално објавуваат САД, пишува АП.
Агенцијата наведува дека тоа не се воени планови и дека не даваат детали за планираната офанзива во Украина и дека одредени неточни информации, вклучително и проценки за загубите на руските војници, кои се значително пониски од бројките што јавно ги објавија американските власти, наведуваат одредени функционери и аналитичари да ја доведат во прашање автентичноста на објавените документи.