Осуда за говорот на Отец Јаков: Трансродовите луѓе немаат основни човекови права, потребно е сексуално образование од најмала возраст

од Nikola Popovski
370 прегледи

Невладините организации, дел од Платформата за родова еднаквост остро реагираа на неодамнешните изјави на Отец Јаков Стоблиски од Струмичката епархија во врска со трансродовите лица во земјава, како и промената на полот. Тој во гостување на дебатна емисија меѓу другото рече дека „транс-жените не се жени, дека промената на пол е глупост, а трансродовите лица можеби имаат здравствени проблеми и треба да им се помогне“.

Од Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“ во изјава за „Локално“ велат дека токму поради ширењето на лагите и манипулацијата со граѓаните од страна на некои движења „прават да бидеме осудувани, навредувани па и да трпиме секаков вид на говор на омраза“.

-Сеопфатното сексуално образование не е само дека постојат различности како што некој родители цело време зборуваат. Сеопфатното сексуално образование ги учи децата да го познаваат и прифаќаат своето тело, да се грижат за своето здравје и безбедноста, но и за здравјето на другите. Сеопфатно сексуално образование придонесува децата да бидат подобро подготвени да се справат со сите прашања и предизвици што ги носат пријателските и љубовните врски. Преку него младите ги преиспитуваат и напуштаат предрасудите и табуата што постојат во општеството поврзани со разни аспекти на социјалниот, емотивниот и сексуалниот развој на луѓето. Така, младите увидуваат дека треба да имаат емпатија и почит кон сите луѓе без разлика на нивната различност по пол, род, социјален статус, етничка припадност, попреченост или која било друга основа. Голем број истражувања покажуваат дека кога децата имаат сексуално образование, подоцна стапуваат во прв сексуален однос и се намалува ризичното однесување со што се намалува бројот на малолетнички бремености како и на малолетнички бракови за кое воопшто не се говори јавно, велат од „Трансформа“.

Според нив, со тоа децата на возраст од 9 до 12 години ќе научат дека сите форми на врсничко родово базирано насилство се погрешни и дека преставуваат кршење на човековите права.

-А оние поголемите, на возраст меѓу 12 и 15 години, учат дека сите форми на насилство од страна на возрасните или луѓе на позиција на моќ се косат со човековите права и каде можат да побараат поддршка од други лица или институции во системот. Преку Сеопфатно сексуално образование  со младите се разговара и за еднаквоста на луѓето, за последиците од дискриминацијата и за насилството меѓу врсниците, во интернет просторот и меѓу паровите. Учи како да го препознаеме насилството навреме, како да се заштитиме и каде да го пријавиме. Се разговара и за тоа што значи да се биде различен од другите и зошто е потребно државата да обезбеди рамноправност на сите граѓани, укажуваат од иницијативата.

Се жалат дека Законот за правно призанавње на родот беше повлечен од страна на поднесувачот Владата по бурната реакција на граѓаните поради либералноста на законот.

-Ваквиот дискриминаторски однос на државата испраќа јасен сигнал и поттик за многу антиродови и конзервативни движења да шират говор на омраза без да бидат казнети, да пласираат лаги и дезинформации во јавноста со кои ја сатанизираат трансродовата заедница, со што општата популација добива извитоперена перцепција за нашата заедница како девијатна, неморална, општествено штетна и дека не заслужува никакви права. Се разбира дека ваквите појави се строго законски казниви во развиениот и цивилизиран свет, меѓутоа кај нас истите добиваат јавна платформа и поддршка, и најлошо од се поминуваат неказнето загрозувајќи ги нашите животи, а воедно позиционирајќи го нашето општество на дното на модерната цивилизација. Законот предвидува промена на ознаката за пол и матичниот број на секое полнолето лице кој својот род не се софпаѓа со неговиот пол назначен при раѓање. Во креирање на законот беа вклучени лица од интитуциите Управа за водење на матична евиденција, МВР како и претставници од граѓанскиот сектор и трансродови лица. Овие претставници на институции имаа можност да отидат  на студиска посета во Малта каде одблизу  се запознаат но и да видоа како функционира законот во ниваната земја.  Наметнувањето на хормонска терапија или хируршки интервенции како доказ се коси со Уставот на државата во кој експлицитно е објаснето дека никој не треба да го менува својот телесен интегритет за да дојде до одередена цел. Исто така со новата класификација на болести МКБ-11 трансродовоста е исфрлена како болест односно трансродовста е состојба и не е потребно ниту психијатриска дијагноза.  Од 2019 година после пресудата на Европскиот суд за човекови права ние како заедница децидно и недвосмислено бараме Законот за правно прознавање на родот да биде конечно ставен во Собраниска процедура со што пратениците ќе ја добијат можноста да гласаат онака како што ветуваа пред да бидат избрани и онака како што Европскиот суд за човекови права и наложи на оваа Влада како обврска. За политичките субјекти можеби ова е интригантна политичка игра и собирање поени, меѓутоа Ве уверуваме дека за трансродовата заедница ова е единствен начин да започне да ги остварува и ужива своите најелементарни човекови права, соопштуваат од „Трансформа“.

На прашањето зошто граѓаните гледаат со антагонизам кон ЛГБТИ популацијата, од „Трансформа“ велат дека се должи на невидливоста на трансродовите лица во општеството и  медиумите.

-Но исто така и на медиумите кој не ги интересираат нашите лични приказни туку ги интересираат кликови на нивните портали. Лично сме имале ситуации каде на дадени интервјуа од страна на новинарите било наметнувано како трансродова жена се шминка или како една трансродова жена се бричи како небаре тоа да е најголемиот проблем со кој се соочува трансродовата заедница. Со видливоста и со зборувањето на овие теми сметам дека перцепцијата кон трансродовите лица ќе биде променета бидејќи во јавноста се пласираат информации дека маж со брада облечен во женска гардероба ќе шета по улиците што е огромна лага. Исто така дека Законот за правно признавање на родот ќе биде вовед на истополови бракови е уште една манипулација со граѓаните. Законот за правно признавање на родот само ќе овозможи  трансродовата заедница да ги ужива истите права како што ги уживаат и останатите граѓани, објаснуваат од граѓанската иницијатива.

Од Aсоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА велат дека ова не е првпат Отецот да дава вакви изјави, под превезот на слободата на говорот и да настапува од позиција на експерт без какво било стручно знаење и искуство.

-Пласирајќи вакви информации, тој значително придонесува кон поларизацијата на општеството, односно поделбата на „ние“ наспроти „вие“ и кон зацврстување на статус-квото, небаре ситуацијата со човековите права во земјава е идеална. Уште пострашно, свесно придонесува кон стигматизирањето на трансродовите луѓе кои секојднено се изложени на потсмев, говор на омраза, дискриминација, вознемирување и насилство. За разлика од Отецот кој здраво за готово ги сфаќа своите човекови права, трансродовите луѓе тоа ни на сон не можат да си го дозволат, почнувајќи од правото на здравје и пристапот до здравстени услуги, порачуваат од ХЕРА за „Локално“.

Истакнуваат дека тоа што зборува отец Јаков за трансродовите луѓе „како за нешто што допрва ќе ни дојде од Западот, го засилува впечатокот дека тој најверојатно воопшто не дошол во контакт со трансродов човек или човек од ЛГБТИ заедницата – што значи дека кога ги квалификува како вакви или онакви, тој зборува за да предизвика страв и паника, наместо како претставник на христијанството да пројави желба и вистинска волја да ги разбере и да придонесе кон нивното прифаќање во општеството, нешто што и самите стручни лица велат дека е исклучително важно за оваа група на граѓани“

-Токму неприфаќањето на ЛГБТИ младите во во нивните семејства и надвор од домот е главната причина поради која тие страдаат многу почесто од анксиозност и депресивни расположенија.

Додаваат дека имајќи ги предвид последните истражувања кои покажаа во колку хомофобично општество живееме, 40 % поддршка за законското решение за трансродовите луѓе и не е така лоша вест.

-Ланското истражување на МЦМС покажува дека 81 % од испитаниците не сакаат да имаат ЛГБТИ човек за комшија! Па таман работа ако чекаме мнозинството да даде „зелено светло“ за основните човекови права на малцинските групи. Плус, демократското начело вели дека при креирањето законски решенија, клучно е што мисли групата на граѓани засегната од самото решение.

Кога се пласираат проценти за состојбата со трансродовите луѓе и поопшто за ЛГБТИ заедницата, треба да се пласираат и информации за нивниот квалитет на живот. Во таа смисла, убедени сме дека за населението во Македонија, независно од религијата, е неприфатлив фактот дека ЛГБТИ младите се дури четирипати повеќе малтретирани отколку нивните хетеросексуални врсници, велат од ХЕРА.

Од таму дополнуваат дека за да се заштитат и гарантираат човековите права на сите, треба волја, решителност и храброст.

-Па така, наместо да тргнат од искуствата на трансродовите луѓе и да се водат единствено според нивните потреби и интереси – затоа што законот токму ним им е наменет! – како и според вредностите што сакаат да бидат одлика на ова општество, донесувачите на одлуки поаѓаат од своите лични уверувања и потпаѓаат под влијание на паниката, стравот и притисокот на конзервативни структури и како да немаат капацитет да се одважат и здраворазумски да им се спротивстават на небулозите и извртените информации што оттогаш се појавуваат во јавноста.

Иако оваа Влада се претставува како социјал-демократска, таа заборава на демократските вредности, како и на фактот дека со овој закон се заштитуваат и унапредуваат индивидуалните слободи и човекови права на одредени малцински и маргинализирани заедници. Анализите спроведени од страна на Европската комисија во земјите кои имаат слични и послободни закони од овој предлог-закон, покажуваат дека спроведувањето на ваквото законско решение придонесува кон подобрување на пристапот до образование, вработување, домување и здравство на трансродовите луѓе. Анализите потврдуваат и дека трансродовите луѓе со усогласени документи многу повеќе го остваруваат својот потенцијал и со тоа позитивно придонесуваат кон развојот на целото општество.

Уште една работа на која оваа Влада заборава е одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур со која се бара од нашата држава да донесе закон со кој на трансродовите луѓе ќе им се овозможи брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.

Конечно, мора да потсетиме дека уште во 2017 година Управниот суд донесе пресуди со кои овозможи промена на ознаката за пол во личните документи. Оттогаш, не се случи ништо од тоа што Отецот толку самоуверено го предвидува: ниту се злоупотреби можноста за влегување во јавни тоалети, ниту им се наметнува или бара на други лица да променат пол. Оттука, подвлекуваме дека клучната промена што ќе ја донесе Законот е тоа што постапката за промена на ознаката за пол би траела еден месец, наместо неизвесен број на години колку што покажуваат досегашните искуства, потенцираат од ХЕРА.

Наведуваат сексуалното образование е само една од алатките што државата треба да ги користи за да се намалат предрасудите и стигмата не само кон ЛГБТИ луѓето, туку кон сите коишто на некаков начин отскокнуваат од нормата која, пак, наспроти изјавите на Отецот, не е од Бога дадена, туку е конструирана од самиот човек и општеството.

-Од друга страна, сексуалното образование едуцира за сексуалното и репродуктивното здравје без кое не можеме да зборуваме за чија било добросостојба, а најмалку на младите, велат од Асоцијацијата и додаваат:

-Старата изрека вели ‘Што ќе посееш, тоа ќе пожнееш‘. Ова е дел од горчливите плодови на долгогодишното стигматизирање и ширење говор на омраза против ЛГБТИ популацијата, но и од системското непостапување во случаите на насилство од омраза! На пример, до ден-денес не се санкционирани напаѓачите на ЛГБТИ центарот во Старата скопска чаршија – а оттогаш поминаа цели 10 години.

Oд ХЕРА се децидни дека се потребни промени.

-И тука клучната улога ја играат родителите кои од најмали нозе им ги пренесуваат своите уверувања на децата, наставниците, професорите, здравствените работници, медиумите, народните избраници, полицијата! За ова да се промени, мора и јасно да се укажува и реагира кога слободата на говор и правото на лично мислење искажано во мантија и со милозвучен глас преоѓа во поларизирачки говор и ширење извртени информации, паника и предрасуди – однесување што не само што не поттикнува да се бараат решенија, туку и сериозно го стеснува просторот за прифаќање на луѓе кои се меѓу нас и кои, сакале да прифатиме или не, постоеле од памтивек. А со оглед и на тоа што се коси со начелата и вредностите на христијанството, би додале и дека е крајно лицемерно, порачуваат од невладината организација.

Н.П.

Слични содржини