Русија е заинтересирана што поскоро да заврши конфликтот во Украина, изјави во Бразил рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Јасно е дека сме заинтересирани што поскоро да заврши украинскиот конфликт. Детално ги објаснивме причините за се што се случува и целите“, изјави Лавров по средбата со бразилскиот министер за надворешни работи Мауро Виерија.
Лавров е на турнеја низ Латинска Америка, при што ќе ги посети Бразил, Венецуела, Никарагва и Куба, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Како што се наведува во соопштението, во центарот на преговорите ќе бидат прашањата за зајакнување на меѓународно-правните основи на современиот свет, чија потпорна структура е Повелбата на ОН.
„Латинска Америка е пријателски регион, еден од центрите на формирање на мултиполарен свет, со кој Русија има намера да одржува динамичен дијалог, да развива конструктивна соработка, која не подлежи на никакви надворешни диктати“, се наведува во соопштението.