Во Основниот суд – Скопје денеска треба да се одржи првото судско рочиште против министерот за надворешни работи Бујар Османи по тужба за навреда и клевета од страна на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП).
ММДЧП го тужи министерот поради неговата изјава во октомври за бугарската телевизија „БТВ“, бидејќи кажал дека ММДЧП стои зад финансирање на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.
-Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси на државата ќе видите дека не е во функција на тие стратешки интетреси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение, за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера, кажа Османи пред отворањето на македонскиот клуб во Благоевград.
На неговите изјави реагираа од македонското движење од Канада.
-Османи е гласно против сите кои ќе изразат несогласување со режимот и со американските анти-македонски политики и нивното кршење на човековите права и граѓанските слободи. Изјавите на Османи се лажни, навредливи и клеветнички за ММДЧП и за претседателот на организацијата Бил Николов. Режимот во Македонија беше инсталиран на власт од САД и понатаму ја има нивната целосна поддршка, со цел со сила да ја спроведе нелегалната промена на името, како и други надворешно-политички цели на САД, соопштија тогаш од движењето.
Тужбата е поднесена на 27 јануари 2023 година.