САД очекуваат Србија и Косово да исполнат се што е договорено во претходните преговори, вклучително и формирањето на Заедница на општини со српско мнозинство, соопштиле синоќа од Стејт департментот како одговор на прашањето за досегашното спроведување на договорот од Охрид.
Претставниците на Србија и Косово пред точно еден месец во Македонија, со посредство на ЕУ и поддршка на САД, постигнаа вербален договор за анексот за спроведување на претходно прифатениот европски план за нормализација на Србија и Косово. но една од главните точки е почетокот на формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО), која остана главен камен на сопнување.
„Нашиот фокус е на имплементација на договорот за нормализација на односите меѓу двете земји, со цел да им помогнеме да развиваат помирни, предвидливи односи како соседи, што ќе овозможи поголема стабилност, безбедност и просперитет во регионот. САД и ЕУ очекуваат двете страни да ги исполнат своите обврски и да ги спроведат претходните договори од дијалогот, вклучително и Заедницата на општини со српско мнозинство, што двајцата лидери го потврдија на средбата на 18 март во Охрид“, се вели во писмената реакција на Стејт департментот за „Гласот на Америка“.
Се додава дека САД остануваат активно ангажирани во поддршката на Србија и Косово во нивното спроведување.
Иако ЗСО беше договорено со Бриселскиот договор во 2013 година, а потврдено со европскиот план и договорот од Охрид, во изминатиот месец нема напредок по ова прашање.
Косовскиот премиер Албин Курти неодамна изјави дека „претходните договори со Србија не можат да се избегнат“, но дека ќе се погрижи ЗСО да не е „третото ниво на власт во Косово“.
Од друга страна, Белград бара формирање на ЗСО како услов за учество на Србите на локалните избори на северот на Косово.
Според договореното од Охрид, двете страни требаше да ја поддржат Декларацијата за исчезнати лица.