Мојот став е дека треба да се зајакне борбата против корупција, на секое ниво, не само на високото. Корупцијата го јаде македонското општество, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, запрашан како ја коментира вчерашната изјава на евроамбасадорот Дејвид Гир, кој рече дека реформите за борба против корупцијата во земјата се на загрижувачко ниво.
Спасовски лично е задоволен во однос на тоа што е направено од страна на МВР.
-Имаме статистички бројки кои што покажуваат дека минатата година дека имаме ефикасност во откривање на корупцијата за скоро 50% во однос на ретходната година. Сепак треба систем кој што може да одговори на секој еден предизвик и притоа да се работи на јакнење на јавната свест. И таа е многу важна за да се зголеми довербата во институциите и да можат луѓето да пријавуваат. Најважно е за тие случаи кои се однесуваат на високата корупција, рече Спасовски на брифинг со медиумите после официјалниот почеток на заедничката операција на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија.