Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, заедно со вицепремиерот за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска беше во работна посета на општина Демир Капија, каде направија увид на реновираниот објект на Домот на културата „Мирка Гинова“.
„Преку овој целосно нов современ објект конечно се обезбедени квалитетни услови за работа на културните работници, за креирање нови проекти, а граѓаните добиваат мултифункционален објект со најсовремена опрема“, рече Костадиновска-Стојчевска која изрази уверување дека ќе се зголеми и културната понуда за граѓаните во Демир Капија, но ќе развие и севкупниот потенцијал во овој дел од државата.
Министерката за култура потсети дека во Домот на културата „Мирка Гинова“ изминатите години успешно се реализираат бројни активности од областа на културата, како проекти од областа на фолкорната дејност и зачувување на нашата богата традиција, од драмската, музичката дејност и друго.
„Овие содржини успешно ја афирмираат македонската култура и надвор од земјава, а ансамблите се добро познати и наградувани во регионот“, рече Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека Домот на културата во Демир Капија е одличен пример за тоа како може на локално ниво да се развиваат богати културни активности кои, патем, се и атрактивни за туристите во овој предел на земјава.
На настанот беше посочено дека за посетителите е привлечен и Музејот на виното, што е редок пример и атракција во долгата винска традиција на овој крај.
Во објектот на Домот на културата функционира и библиотека која сега ги има сите услови за зачувување и збогатување на книжниот фонд.
„Ваквите проекти се од огромно значење затоа што овозможуваат развој на културата, а позитивно влијаат и на развојот и поттикнувањето на младите активно да се вклучат и да ги негуваат традиционалните обичаи, фолклорот. Во иднина се надеваме на уште многу вакви успешни проекти за подобра и поубава Демир Капија за сите“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Во Домот на културата „Мирка Гинова“ тука во Демир Капија во последните неколку години се вложени повеќе од 550.000 евра во реконструкција и надградба, како и опремување на целосно нова кино сала. Дел од овие средства (околу 124.000 евра) се од ТАВ програмата и ова е еден од проектите кои се целосно завршени.
„За овие проекти аплицираат самите општини и тие имаат целосна сопственост над нив, што е поттик за сите нас да бидеме креативни, да ги искористиме сите потенцијали во секоја средина и преку ваквите инфраструктурни проекти да го подобриме квлитетот на живот за сите граѓани во земјата, а културата е еден од најдобрите начини за тоа“, рече министерката за култура во Демир Капија, кај реновираниот Дом на култура „Мирка Гинова“.