Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека, по вчерашното гласање во Советот на Европа за членство на Косово во таа организација, ќе дојде до длабоки и суштински промени во надворешната политика на Србија.
По доделувањето дипломи на млади лекари, медицински сестри и техничари, тој рече дека на состанокот на српската влада, на кој присуствувал на барање на премиерката Ана Брнабиќ, рекол дека не смееме да си ги „отсечеме рацете“ и да ги прекинуваме односите со сите во светот.
„Благодарам на Унгарија, Шпанија, Кипар, Романија, Азербејџан, Грузија, луѓето кои го поддржаа меѓународното јавно право и Повелбата на ОН. Не смееме да заборавиме што направија за нас и секогаш мора да знаеме дека овие земји се за нас пред сите други“, рече Вучиќ.
Според неговите зборови, во согласност со тоа ќе се донесат акти во однос на безбедносната стратегија, како и стратегијата за надворешна политика.
„Ќе работиме на тоа во надворешната политика да се грижиме за билатералните односи, не излегуваме од границите на реципроцитет – ако некој не го почитува нашиот територијален интегритет зошто ние да го почитуваме неговиот. Зошто да штитиме нечиј територијален интегритет по секоја цена ако се против нашиот. Тоа не се тектонски, туку длабоки и суштински промени во политиката и одговорен однос кон нашата земја“, рече Вучиќ.
Како што рече, вчерашното воздржување во Советот на Европа било исто како да се гласа за членство на Косово.
„Затоа имате награди од налогодавците, но не очекувајте го тоа од нас и не очекувајте да бидеме кучиња што ќе се поклонат пред вас и ќе молат за милост. Ќе има длабоки и суштински одлуки во однос на декларации и резолуции. на состанокот на СЕ меѓу 15 и 20 мај се очекува сите 46 едногласно да се изјаснат за територијалниот интегритет на Молдавија и Украина, тука е и Грузија, па ќе ја видиме нашата одлука. Одлуката мора да се донесе со консензус, нема да биде лесно да бидеме против, но дане прејудицираме, допрва ќе разговараме и размислуваме“, рече Вучиќ.
Додаде дека се знае дека во Советот на Европа има неопходно мнозинство и од членките на ЕУ и од земјите кандидати, што Брисел и Вашингтон го слушаат без прашање.
„Ништо неочекувано. Само одлуката на Унгарија беше неочекувана и јас сум бескрајно благодарен на Орбан за тоа. Го замолив во текот на викендот да ја разгледа позицијата на Србија и очекував да бидат барем воздржани. Тие се покажаа како најдобри пријатели и гласаа против. Благодарам на Орбан и Сијарто. Го направија тоа на гласен начин“, рекол Вучиќ, пренесува Танјуг.
Истакна и дека е познато оти земјите од ЕУ ја признаваат независноста, а дека е разочаран од одлуките на некои.
„Никогаш не сме биле воздржани за прашањето за територијалниот интегритет на Украина, а вие сте воздржани? Никогаш не сме се воздржале. Украинските претставници побараа пауза во работата за да се консултираат и потоа донесоа одлука да се воздржат. За Грција, одлуката се очекуваше да се гласа врз основа на потезите од претходните месеци и години“, рече тој.