ДС се пожали: СДСМ и ДУИ спречуваат да се формира независна Агенција за борба со корупцијата

од Nikola Popovski
115 прегледи

Со гласањето против донесување на Законот за борба против тешките oблици на оргaнизиран криминал и висока корупција на Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија во Собранието, СДСМ и ДУИ во суштина ја блокират борбата против криминалот што го прават функционери. Двете владеачки партии на овој начин спречуваат да се формира независна институција – Агенција за борба против криминалот, надвор од политички, партиски и коруптивни влијанија, соопштија денеска од Демократскиот сојуз (ДС).

Според партијата на Павле Трајанов, оваа Агенција треба да го открива криминалот и високата корупција, да го детектира скриениот имот на функционерите во државата и во странство, да предлага конфискација на имот и забрана за политичко дејствување.

Во законот се вградени системски решенија кои ја гарантираат независноста на Агенцијата. Со Агенцијата ќе раководи директор кој ќе го поставува борд составен од кадри со висок интегритет и кредибилитет, а во неа ќе работат професионалци кои ќе имаат посебни права и овластувања.

Криминалот ги разорува институциите и државата во целина, го загрозува правниот поредок и правната сигурност, ги осиромашува граѓаните, поради што младите заминуваат во странство, стои во соопштението.

За партијата која до неодамна беше дел од власта, „партиите што ги кочат реформите за поефикасна борба против високата корупција, во суштина се против полноправно членство на Македонија во Европската Унија“.

-Инаку, Законот за борба против тешките oблици на оргaнизиран криминал и висока корупција е во согласност со Уставот, со Законот за кривична постапка и со меѓународните договори и не е во колизија со други закони. Со него се обезбедува координација на институциите задолжени за борба против организираниот криминал, а во случаите на непостапување, Агенцијата ќе може да преземе посложен корупциски предмет од друга институција и да го сработи, стои во партиското соопштение од ДС.

Слични содржини