Ѓорѓевски: ПОА на Вранишковски беше голем удар за МПЦ, заминува во минатото откако не ја постигна својата цел

од Nikola Popovski
362 прегледи

Во целина треба да се гледа позитивно на процесот на претопувањето на Православната охридска архипеископија во редовите на Македонска православна црква. Важна работа е што со тоа се исполнува договорот со Српската православна црква кој му претходеше на давањето на автокефалноста на нашата Црква. Со тоа нашата страна потврдува дека е сериозна и дека го исполнува ветеното и дека е подготвена да заборави на она што се случувало во минатото, вели за „Локално“ верскиот аналитичар и новинар, Бранко Ѓорѓевски околу најавеното обединување на МПЦ-ОА со ПОА на Јован Вранишковски.

Ѓорѓевски се надева дека предлозите за распоредување ќе се прифатат штом излегле во јавноста, а Вранишкоски и неговите владици треба да бидат реални во очекувањата што може да добијат како надлежност.

-Она што исто така е многу важно е фактот дека по некои дваесетина години од случувањето во 2002 и 2003 година се става точка на постоењето на ПОА која беше создадена од страна на СПЦ како паралелна црква во Македонија со цел да се разнебити МПЦ-ОА. Тој проект сега заминува во минатото откако не ја постигна својата цел, на своја страна да придобие голем дел од монаси, свештеници и владици на МПЦ-ОА, а што ќе беше и крај на нејзиното постоење. Победи вистината и историскиот стремеж на македонскиот народ за сопствена автокефална црква, а што го призна и самата Српска црква по историската одлука на Вселенската патријаршија да не признае како канонска црква, оценува соговорникот.

На прашањето што може да добие ПОА, а што МПЦ со обединувањето, Ѓорѓевски вели дека морална сатисфакција е она што може да го добие Јован Вранишкоски и неговите владици.

-Во смисол, дека, ете, се покажало дека тие биле во право кога се одвоиле од МПЦ и станале дел од СПЦ, а дека сега се случило помирувањето и решавањето на црковниот спор. Па, во таа смисла, тој дал голема жртва за сето ова да се случи. Јас и тогаш и сега сметам дека одлуката на Вранишкоски и на неговите приврзаници беше погрешна и дека создаде многу проблеми и воопшто не помогна во решавањето на црковниот спор. Напротив. Тоа беше тежок удар за МПЦ, за Македонија како држава во целина која тукушто беше излезена од тешкиот воен конфликт во 2001 година и која го доживеа државното преуредување врз основа на Охридскиот договор. Во една таква ситуација, кога уште не беа погребани соседски планови за поделба на Македонија, кога имаше стравови дали ќе опстанеме како држава, се случува негово одвојување од МПЦ, спојување со СПЦ…, анализира верскиот аналитичар.

Јован Вранишковски

Јован Вранишковски

Според него, црковните и државните органи тогаш жестоко одговорија, не беше и прежестоко од потребното, но состојбата навистина беше тешка и имаше голема опасност.

-Вранишкоски и неговите истомисленици мораше да бидат свесни на тоа доколку им беше важна Македонија. Јас сочуствувам со она што го преживеал во текот на изминативе години, но треба да знае дека и на македонскиот народ не му беше лесно да ги слуша неговите тврдења дека МПЦ е дело на комунисти, дека е партиска црква, дека е неканонска и слично. Црковниот спор, подоцна, не се реши со тоа што беше формирана ПОА. Се реши откако Вселенската патријаршија го зеде проблемот во свои раце, а СПЦ сфати дека мора брзо да реагира, појаснува Ѓорѓевски.

Сепак, Ѓорѓевски тврди дека ова не може да се доживее како полноправо признавање на МПЦ-ОА како автокефална црква.

-Ова е само исполнување на претходниот договор меѓу СПЦ и МПЦ-ОА кој му претходеше на издавањето на Томос за нашата црковна автокефалноста. МПЦ-ОА чекори кон полна автокефалност, но тој пат не е без искушенија. Има подлеби околу тоа кој Томос е легитимен и легален (дали оној на СПЦ или е оној што се чека од Вселенската патријаршија…) и од МПЦ ќе се бара да се позиционира во меѓуправославниот судир меѓу Руската и Српската црква од една страна и Вселенската патријаршија од друга страна, истакнува новинарот и додава дека не би сакал „овие достоинственици на ПОА, кои до сега беа дел од Српската правиославна црква да станат фактори на поделби и на групирања во Синодот и во редовите на нашата црква“.

-Искушенија ќе има многу, закани за поделби исто така, бидејќи очигледно и Вселенската патријаршија „инвестира“ во кадри во Македонија, а знаеме дека во наши црковни редови има симпатизери и кон Руската црква. Така, не би сакал во нашите црковни редови да се случи некакво фракционерство и се надевам дека архиепископот Стефан ќе има целосна контрола и ќе знае да воспоставува баланс. Искуството со отсепувањето на ПОА беше тешко и не би требало да се повтори никогаш. Тоа доволно кажува дека мора да се работи првенствено во интерес на сопстевната црква и на верниците во Македонија, заклучува Ѓорѓевски.

Н.П.

Слични содржини