Мотоциклист е тешко повреден во сообраќајна несреќа што доцна попладнево се случи во населбата „Венец 2“ во Дебар.
-Во нашата болница беше донесено лицето Т.К.(42) од Дебар со повреди на главата, десното рамо и скршеница на десната потколеница, но во свесна состојба. Дадена му е прва медицинска помош и е имобилизиран по што со придружба на лекар и медицински техничар е транспортиран во Болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид, изјави за МИА, Исмаилаки Клења, ортопед во Дебарската општа болница со проширена дејност.
Сообраќајката се случила на улица „Вељко Влаховиќ“ во близина на станицата за технички преглед, односно на патот кој води за Струга. Во неа учествувале мотоцикл управуван од Т.К. и патничко моторно возило. На местото на несреќата во моментов се врши увид.