Вложувањето во инфраструктурата е еден од најголемите трошоци од буџетот кој се полни од парите за комуналиите од градежните дозволи. Оттука, многу е важно тој да се троши така што ќе се обезбеди рамномерен развој и сите да ги чувствуваат придобивките од тие инвестиции, соопштија од Шанса за Центар.
Оттаму се обиделе да дојдат до што поцелосна слика за инвестициите преку мапирање на сите електронски договори за јавни набавки од 2012 година до сега вкрстувајќи ги со податоци објавени во медиумите.
На мапата што ја споделија, се гледа дека најголем приоритет за центарските градоначалници во последните 10 години е Дебар Маало. Таму се извршени зафати во вредност од над 4,4 милиони евра што е далеку повеќе од било кој друг дел на општината.
Најзапоставен дел пак во оваа смисла е подрачјето меѓу Клинички центар и објектот на Министерството за внатрешни работи.
„За таму не пронајдовме ниту еден договор за инфраструктурни зафати во последната декада. Не е за потценување ниту реонот на Кале каде за 10 години е обновена само една улица во вредност од 56 илјади евра“, велат од Иницијативата.
Податок кој предизвикува внимание, според нив, е и тоа што во последните 10 години на првичните договори за инфраструктурни зафати се склучени анекси во вкупен износ од над 800 илјади евра.
„Шанса за Центар преку своите советници и натаму ќе се залага за рамномерен развој и право на секој жител на квалитетен живот што ќе направи тој да се чувствува достоинствено во сопствената општина“, се додава во соопштението.