Охридското Езеро се бетонира од албанска страна, предупредуваат од „Охрид СОС“

од Nikola Popovski
185 прегледи

Додека албанските власти во извештајот доставен до УНЕСКО наведуваа некакви проекти за заштита на Охридскиот Регион, споделуваа фотографии од средби и настани, на терен деновиве се случува нешто друго, информираа од граѓанската иницијатива „Охрид SOS“. Од таму укажуваат дека се бетонира во Охридското Езеро,но немаат повеќе детали.

Појаснуваат дека машините се регистрирани кај Тушемиште.

-Уште еден доказ дека нема реална заштита на природното наследство на Охридскиот Регион, дека уништувањето продолжува, со несмалено темпо, и од другата страна на границата. Иако тој дел е само четири години на листата Светско наследство, ги преживува истите проблеми и притисоци како и македонскиот дел. На средба со неколку албански организации и жители на Поградец неодамна, имавме прилика да дознаеме за одредени планови и намери кои не се усогласени со стандардите за заштита, кои би можеле да го нарушат биодиверзитетот и чудно е како се форсираат, кога албанските институции се обврзале да го заштитат светското наследство. Не попусто се препорачува од страна на меѓународните организации интегрирана заштита, ускладени закони и стандарди и интегрални планови за управување, од двете држави, стои во соопштението од „Охрид SOS“.

За да видат каква е ситуацијата со био-резерватот Охридско Езеро во земјава престојуваат претставници на Секретаријатот на Бернската конвенција во делот на заштита на природното наследство, на Конвенцијата за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење (Рамсарска Конвенција) и на УНЕСКО.

Слични содржини