Во Белорусија расте стравот дека Москва го турка својот близок сојузник директно да се вклучи во борбите во Украина, пренесува АП, додавајќи дека Белорусите се повикани да учествуваат во воена обука.
„Руските сили се веќе во Белорусија, гледам дека земјата полека се претвора во касарна“, изјави за АП Руслан, инженер кој неодамна добил покана за воена обука во главниот град Минск. Тој не сакаше да го каже своето презиме бидејќи е загрижен за својата безбедност.
Лукашенко зависи од Кремљ
Белорусите се плашат дека Москва нема да им дозволи долго да ја гледаат војната оддалеку, наведува АП.
Белорускиот диктатор Александар Лукашенко, да потсетиме, се потпираше на Кремљ за политичка и економска поддршка со месеци додека земјата беше потресена од масовни протести поради наместените избори.
Неодамна во Минск беше формирана единица за противвоздушна одбрана, која вклучува и руски ракетни сили, се верува.
Претходно овој месец, украинскиот претседател Владимир Зеленски ги посети граничарите во северозападниот регион Волин, кој граничи со Белорусија. Во таа прилика тој порача дека Украина „мора да биде подготвена“ за евентуална инвазија од Белорусија.