Ампева: Работниците се повеќе информирани за своите работнички права

од Radmila Tasevska
193 прегледи

Се кршат работничките права од страна на работодавците, но работниците се сè повеќе информирани за своите права и правдата ја бараат преку судската власт.

Ова е ставот на правниот тим на Здружението „Гласен текстилец“, кој ги анализираше состојбите со работничките права по повод 1 мај-Денот на трудот. Судските постапки вообичаено се парични побарувања за неисплатени плати и додатоци на платата. Адвокатот, Донче Стаменков кој е дел од правниот тим на „Гласен Текстилец“ забележува дека јавната администрација е во по поволна позиција, зашто тужбените барања во целост се наплатуваат преку позитивни пресуди на надлежните судови.

-„Кога би ги генерализирале постапките пред судовите вклучително за јавниот и приватниот сектор, станува збор за парични побарувања по однос на неисплатени плати и додатоци на плата. Ако земеме да го разграничиме јавниот сектор од приватниот сектор, може да кажеме дека за разлика од приватниот сектор, во јавниот тужбените барања во целост се наплатуваат преку позитивни пресуди во надлежните судови од нашата држава, но генерално во приватниот сектор работниците се помалку заштитени. Ние добиваме судски пресуди, кои се позитивни, во корист на работниците, но се случува да одредени форми кои ги овозможува Законот, одредени фирми да бидат затворени или да се претстават како не ликвидни и да не можат да се наплатат побарувањата од страна на работодавците, вели Стаменков.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“-Штип забележува дека во приватниот сектор има позитивни пресуди во корист на работниците, преку форми кои ги овозможува законот. Посочува дека фирмите се претставуваат како затворени или неликвидни со што не може да се наплатат паричните побарувања од страна на работодавците. Ампева порача дека е важно навремено да се преземат сите постапки за што е потребно работниците навремено да бидат информирани за своите права.

-Проблематично е што работниците чекаат, не ги искористуваат роковите. Проблематично е тоа што на крајот остануваат без неколку плати, фирмата оди во стечај, во ликвидации. Секакви форми смислуваат, а на крајот работниците се оние коишто остануваат оштетени. Затоа и апелот е да не чекаат, плата се пушта до 15. наредниот месец, придонесите заедно со тоа. За жал, системот на УЈП сè уште дозволува доцнење на плата, сè уште дозволува исплата под минималец, вели Ампева.

Адвокатот, Стаменков надополнува многу е важно работниците да внимаваат на тајмингот, односно, доколку им доцни платата, веднаш да пријават во „Гласен Текстилец“ или до адвокатите кои се специјализирани за трудовата легислатива. Исто така, не смеат да потпишуваат бланко изјави во моментот на засновањето на работниот однос, кои се незаконски.

-Тие бланко изјави подоцна ги користат за работниците да бидат одјавени во форма во која не можат да си ги добијат своите права кои ги следуваат во однос на Законот за осигурување во случај на невработеност, рече Стаменков

Ампева истакна дека „Гласен Текстилец“ почна со заштита на текстилните работници, но изминатиот период до нив пристигнаа барања за помош и од работници од други сектори, а исто така и испраќаат и иницијативи до Уставен суд.

Слични содржини