Синовите на озлогласениот водач на нарко-картел Хоакин Гузман, познат како Ел Чапо, кој отслужува доживотна затворска казна во САД, го продолжија семејниот „бизнис“ со фентанил со создавање мрежа на лаборатории кои произведуваат огромни количини на евтина, смртоносна дрога која тие ја шверцувале во САД, се наведува во неодамнешното обвинение на американските обвинители.
Иако судењето на Ел Чапо се водеше главно околу испораките на кокаин, случајот против неговите синови открива дека картелот направил промена, преминувајќи на исклучително опасен фентанил, кој криминалците го продаваат во САД по најниски цени, се наведува во обвинението од 14 април, пренесува АП.
Синтетичките опиоиди, главно фентанилот, убиваат повеќе Американци годишно отколку во Виетнам, Ирак и Авганистан заедно, што ги натера некои политичари да кажат дека картелите треба да бидат означени како терористички организации, пренесе АП.
Агенцијата додава дека правењето сопствен фентанил, кој е многу посилен и поопасен од хероинот, во мали скриени лаборатории тотално ја променил „играта“.
Картелот потоа преминал кон изградба на лабораторија за фентанил, подоцна создавајќи мрежа од лаборатории во мексиканската држава Синалоа пред помалку од една деценија.
„Ова не се супер лаборатории, бидејќи им даваат на луѓето илузија дека изгледаат како фармацевтски лаборатории, знаете, тие се многу софистицирани. Но, тоа се само метални цевки во кои понекогаш се користат дрвени весла, дури и лопати за мешање на хемикалиите“, рече Мајк Виџил, шеф на меѓународни операции во американската Федерална администрација за борба против дрога (ДЕА).
Во една серија, картелот може да направи 100.000 таблети секој ден и да ги измами Американците да мислат дека земаат Xanax или Oxycodin.
Таблетите се шверцуваат преку граница за снабдување на, она што еден од синовите на Ел Чапо, Иван Архивалдо Гузман Салазар, ги нарече „улиците на наркоманите“, според обвинението, пренесува „Танјуг“.