Павловска Данева за платите на функционерите: Сите „топтан“ ќарија од одлуката на Уставен

од Nikola Popovski
318 прегледи

Платите на дел од овие функционери беа навистина несоодветно ниски во споредба со платите не само на членови на управувачкиот менаџмент на разно-разни “регулатори”, туку дури и платите на нивните секретарки сериозно се приближуваа до платите на премиерот и министрите. Овој факт требаше да се констатира, да се поткрепи со докази и да се понуди законско решение колку и да е тоа непопуларно, објави синоќа универзитетската професорка при Правниот факултет, Ана Павловска-Данева во однос на одлуката на Уставниот суд за одмрзнување на платите на функционерите, кои ќе растат заедно со просечната плата.

Данева е децидна дека власта и опозицијата се договорија по ова прашање.

-Уставниот суд како “укинувач на противуставни законски одредби”, да ја преземе и улогата на “покачувач на платите” односно да биде преземач на гневот на граѓаните за оваа крајно непопулистичка мерка. На овој начин “отидоа нагоре“ платите не само на оние што реално заслужуваа покачување туку повторно сите „топтан” ќарија од одлуката на Уставен, што секако не е ниту системско, ниту праведно решение.

Денес функционери од власта наивно пробуваат да ги убедат граѓаните дека за нив е најважно да се легалисти, па ете мора да ја почитуваат одлуката на Уставен, додека функционерите од опозицијата цинично ја критикуваат власта, а во кулоарите тријат раце, надевајќи се дека јавната осуда ќе биде насочена (само) кон власта, стои меѓу другото во објавата на Данева.

Со одлуката на Уставниот суд кон крајот на март, за укинување на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лиц, се одмрзнуваат платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани. Досега, нивните плати се одредуваа со коефициент (во зависност од функцијата) кој се множеше со фиксна основица од 26.755 денари.

Слични содржини